Трамп направи отстапка од досегашната миграциска политика на САД – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/18 12:54 PM

Трамп направи отстапка од досегашната миграциска политика на САД

Драстично свртување од курсот на миграциската политика на САД. Американскиот претседател, Доналд Трамп, сепак попушти на јавниот притисок од земјата и странство и со декрет стави крај на политиката на раздвојување на мигрантските семејства на границите.

Досегашната пракса на разделување на децата од родителите беше критикувана од демократската партија, но и во партија на претседателот, републиканската, а остри тонови испратија и папата Франциско, како и владите на Германија и на Велика Британија.

На промена на досегашната мигрантска политика на САД инсистираше и неговата сопруга Меланија.

Трамп сепак останува на својата политика на „нулта толеранција“, според која секој нелегален влез преку мексиканско – американската граница претставува кривично дело.

Од почетокот на мај американските власти разделиле повеќе од 2340 деца од нивните родители по што биле сместувани во прифатни центри, додека нивните родители се во затвор.