Правото на гостиварци на чист воздух и чиста животна средина, со години е растргнато помеѓу бирократските лавиринти и индиферентноста на локалните и централните власти да излезат во пресрет на барањата на оние од кои го црпат нивниот политички легитимитет.
Дел од секоја политичка програма на сите политички партии, прашањето со депонијата „Русино“ само декларативно стои како приоритетно прашање за решавање. Префрлањето на одговорноста и надлежностите, „Русино“ го направи и децениски горлив проблем, иако граѓаните на Гостивар секојдневно слушаат и веќе станаа имуни на разноразни ветувања за кочечно изнаоѓање на поволно решение.
Во последниот месец, гостиварци сплотени во иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“, на различни начини го манифестираа своето незадоволство од секојдневното труење од чадот на импровизираната депонија. Последното протестно дефиле на еко-активистите од гостиварско со цел да се сврти вниманието на јавноста и институциите од огромниот ризик по здравјето на луѓето што произлегува од неконтролираното депонирање на смет близу Гостивар, ги извади гостиварци помасовно на улиците.

Поддршка на иницијативата и тоа не само со Фејсбук статус или хаштаг на Твитер, како што вообичаено се поима активизмот, а особено оној на познатите личности, изрази и пејачката на легендарната гостиварска поп-рок група „Ареа“, Ружица Брчиоска. Брчиоска вели дека проблемот со депонијата која всушност и не е депонија, постои повеќе од 15 години, а последиците на таквото функционирање на „Русино“ се канцероген воздух и исцедок на отровни течности кои ја загадуваат почвата во гостиварскиот регион.

-Депонијата „Русино’’, колку што сум информирана постои околу 15 години и во суштина и не е депонија, зошто терминот депонија подразбира место каде се носи, селектира, рециклира отпадот, а палењето се извршува во специјални печки кои не ја загадуваат околината. Русино е место на повисока надморска висина од Гостивар каде само се истура ѓубриштето и тоа од вкупно девет општини. Проблемот е што земјиштето е веќе заситено и контаминирано, количината на отпад што се носи е голема и за да се намали волуменот, постојано се пали од „непознати“ чинители. Инспекторите и полицијата не реагираат, а последица на палењето е загаден канцероген воздух, исцедок на отровни течности кои надолу се слеваат и ја загадуваат почвата и подземните води, а најблиску е село Бањица која е земјоделско подрачје, објаснува Брчиоска.

Брчиоска додава дека одговорот од локалните власти лежи во „немањето ингеренции“ за „Русино“, односно дека истите им се одземени. Но според неа и претходно немало слух буквално од никого за решавање на проблемот, иако жителите на селото Бањица, пред неколку години протестирале токму против депонијата. Во тие протести, жителите на селото кое се наоѓа многу блиску до „Русино“, во континуитет и со блокирање на патот го изразуваа своето незадоволство, секако, без позитивен исход.
-Барањата на граѓанската иницијатива, а тоа се легитимни и рационални барања впрочем на сите гостиварци се гаснење на пожарот и затворање на „Русино“, со целосна процедура како што налагаат стандардите (со санација на загаденото земјите) и тоа итно, со оглед на тоа дека загадениот воздух кој секојдневно го вдишуваме е тивок убиец. Ние не можеме да сфатиме зошто не се реагира и на кого му одговара вакво масовно труење на граѓаните. Сè друго, како дислокација или изградба на современа регионална депонија, што и треба да се направи, не е работа на граѓаните. За тоа нека се погрижат надлежните. Ние бараме стоп за труењето од „Русино“, вели Брчиоска.

Чадот и труењето кои надвиснуваат над Гостивар, а се директен резултат на непочитувањето на пропишаните еко-стандарди на депонијата, со сигурност претставуваат еколошка опасност за гостиварци и целиот полошки регион и затоа со ваквото општествено-одговорно делување се стреми кон навремено превенирање и спречување на еколошка бомба.
Депонијата „Русино“ во моментот е регионална депонија за девет полошки општини. Од најавите на градоначалникот на општина Гостивар, за уредување на терен на депонијата кое требаше да започне во јуни годинава – ниту трага, ниту глас. Изминатите две децении постоеја неколку обиди за воспоставување ред со одлагањето на комуналниот отпад во Полошо и сите завршија со негативен резултат.

-Пораката на граѓанската иницијатива кон гостиварци е што повеќе да даваат поддршка и се повеќе да се вклучуваат на протестите кои ќе се организираат. Пораката до надлежните институции е да престанат да си ја префрлаат топката едни на други околу надлежноста за „Русино“, да ги засукаат ракавите и што побрзо да го решат ова прашање. Здравјето на граѓаните треба да биде пред сѐ!, завршува Ружица Брчиоска.
Гостиварци и во претстојните недели и месеци планираат да бидат истрајни во намерата да го остварат своето уставно загарантирано право на чист воздух и чиста животна средина.
Давор Јосифоски


