Лозарите повторно изманипулирани, помина рокот за исплата на долгот на Повардарие – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/18 11:17 AM

Лозарите повторно изманипулирани, помина рокот за исплата на долгот на Повардарие

Ветувањето кое јавно го дадоа пред јавноста дека до 15 овој месец Повардарие ќе ги исплати долговите кон лозарите не се реализира. Тие се револтирани,затоа што како што велат им било ветено оти парите за грозјето предадено во винаријата во 2015 и 2016 година ќе ги добијат во целост а еве и после неколку дена од ветената дата нема најава за тоа.

Дел од лозарите за Канал 77, потврдија дека на нивните сметки визбата немала пуштено ниту денар и велат дека повторно Повардарие сака да избега од одговорност.Најавуваат дека трпението им е при крај и дека подготвуваат тужби за целосна исплата на долгот.

Немавме нова средба со раководството на винаријата,потврди претседателот на здружението „Напредни лозари“, Трајче Кулев. Во телефонски разговор ни рече дека сеуште ги чекаат парите од Повардарие и дека реакциите на лозарите се се поголеми зашто само за 2016 година долгот на визбата кон нив е околу 150 илјади евра.Посочи дека Повардарие не бега од одговорност но во истовреме визбата имала бројни тужби од лозарите па голем дел од парите им оделе токму на овие трошоци.Истакна дека по денешниот разговор кој го имал со Министерството за земјоделство му било речено дека Повардарие имало во план до понеделник да ги исплати овие средства.Откако ќе го стори тоа Владата ќе им ги даде ветените субвенции за откупено грозје и со тие средства да се подмири долгот за 2015 година.

На крајот на мај,раководството на Повардарие информира дека визбата на средба во Министерството за земјоделство,превземала обврска да им ги исплати парите, откако претходно владата ќе им исплати субвенции за откупеното грозје.На состанокот било договорено  да се отвори наменска сметка на која ќе легнат субвенциите, бидејќи сметките на Повардарие биле блокирани. Потоа од таа сметка контролирана од инспекторатот и претставниците на лозарите, парите наменски ќе се распределуваат, исплата за сите години пред 2016, каде најголем дел од долгот е од 2015 година. Од „Повардарие“рекоа дека се подготвуваат за годинашниот откуп и се надеваат дека по исплатата на долгот ќе ја добијат лиценцата за откуп.

Бидејќи и овој пат ветувањето не е исполнето, останува нејасно дали визбата ќе ја добие лиценцата за откуп на грозјето за оваа реколта.

Билјана Тошевски