Живеам без предрасуди, таква е и музиката- Андријана Јаневска чекори по светската сцена – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/20 8:38 AM

Живеам без предрасуди, таква е и музиката- Андријана Јаневска чекори по светската сцена

Одлично плива во поп музиката, но силна страна е и етно жанрот. Јавноста најчесто ја препознава по баладите. Виолината е нејзиниот омилен инструмен кој одлично и прилега. Овие денови се појави музичко парче во денс ритам, на американскиот продуцент Jawfre, каде нашата Андријана Јаневска го пее вокалот. Мора да признаеме дека одлично и прилега и ваков стил на музика. „Take me“ е насловот на нумерата која се надеваме ќе ги освојува топ листите. За оваа соработка Андријана ќе каже дека живее без прерасуди, а во тоа ја вклучува и музиката. Иако е класичен музичар кој свири виолина во МОБ, смета дека и другите музички жанрови имаат што да донесат и покажат.

„Песната “Take me” ја отпеав на покана на американскиот продуцент Jawfre. Во последниве неколку години работам со многу странски продуценти од буквало цел свет, а песните кои ми се допаѓаат, ги издавам и кај нас. Во моментов работам на неколку песни со продуценти од Ирска, Тајланд, Грција, Англија и САД“, раскажува Андријана Јаневска за mms.mk.

Констатиравме дека е одличен летен хит, па прашавме дали би продолжила во овој музички правец и колку и лежат ваквите песни?

„Музиката има три точки: создавање, изведба и слушање. Целта е крајниот конзумент – публиката да сака да ги слуша песните. Како што можев да забележам, реакциите се позитивни. Затоа, ќе продолжам“, одговори Јаневска.

Андријана нема да застане тука, продолжува со соработките со странски музичари, но вети и дека нема да ја заборави и најценетата и најверна македонска публика.

„Имам нова песна со наслов „Само твоја” која заедно ја напишавме со мојот сопруг Гино, а ќе ја промовирам откако ќе го снимам спотот. Следната недела го снимаме и видеото за документарниот филм на светската телевизија BBC “The Earth Orchestra” кој премиерно ќе се прикаже после летото, а каде јас сум претставник од Македонија како прва виолина. За празникот Илинден, ќе настапам пред македонското население во Пустец, а моето патување таму ќе го искористам да соберам што повеќе песни за докторатот кој е во завршна фаза, во кој ги истражувам македонските народни песни во Албанија“, изјави Андријана.

Македонија е нејзината дестинација за летниот одмор, како што вели секогаш е нејзина дестинација без разлика дали има кризa или нема. Планот е со семејството да прошета низ неколку градови, за да на крај заминат во Охрид бидејќи на 13 август настапува на Охридско лето како дел од оркестарот на МОБ.

А за тоа како се заштитува таа и нејзиното семејство во период на пандемија вели дека многу внимава носи маска, не оди во ресторани, и ги почитува мерките. Искрено, вели се надева дека наскоро ќе ја надминеме кризата.

Нејзината примарна професија е професорка на Факултетот за музичка уметност. Какви се плановите за од септември има ли најави како би продолжила наставата?

„Минатиот семестар го поминавме онлајн, како и годишните испити. Можам да се пофалам дека двајца студенти дипломираа, а една студентка магистрираше во моја класа. Сепак, искрено се надевам дека од октомври состојбата со вирусот ќе се смири и наставните обврски ќе се вратат во нормала, т.е. во училниците каде што им е местото“, изјави Андријана Јаневска за mms.mk.