Македонците од Голо Брдо разочарани од сите албански влади – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/20 4:38 PM

Македонците од Голо Брдо разочарани од сите албански влади

Македониците и другите жители од областа Голо Брдо се целосно разочарани, како што велат, на албанските власти, кои воопшто не инвестирале во областа и тие и во 21 век се соочуваат со недостиг на вода за пиење, а одат по макадамски патишта.

Пред камерата на Досја.ал велат дека тие се дел од округот Пешкопеја, каде се инвестира, дека за нив не се грижи никој, па еден од нив додава дека „подобро е да се дел од Македонија, каде нема село без водовод и асфалтни патишта”.

-Голо Брдо е оставено многу назад.Сите гледаат да ја средат Булќиза, Шупензи, Пешекопеја, а и ние сме под округот Пешкопеја. Или да преминеме во Македонија. Подобро да преминеме кон Македонија, барем ќе имаме асфалтен пат и вода, како сите села во Македонија. Кој и да дојде премиер се останува по старо и со Еди Рама премиер, и со Сали Бериша, исто. Вода немаме, пат макадам. Под итно ни треба вода и патишта, вели револтиран жител на селото Радовеш.

Друг жител додава дека и во 30 години демократија никој не инвестирал оставајќи ја најнеразвиена оваа област, затоа бараат под итно албанската влада да ги реши нивните проблеми иако до сега тропнале на сите врати и на сите нивоа, но ништо од тоа.

-Во Голо Брдо не направил никој ништо, триесет години демократија. Од мостот кај Шупензи нагоре Голо Брдо е мртво. Ќе дојде некој заради гласови, ќе ветува дека ќе направи ова, ќе направме тоа, и после ништо. Вода за пиење немаме, патишта не, здравствени амбуланти немаме. Некој се збогатува другите нека умираат, изјави жител на Голо Брдо.

Според него, чиста вода за пиење нема ниту во училиштата.

Областа Голо Брдо опфаќа 22 села, од кои 18 се целосно населени со Македонци, додека другите четири села, се со мешан етнички состав, Македонци и Албанци. Живеат над 12.000 од повеќе од 35.000 колку што живееја пред падот на комунизмот.

Поради лошите услови за живот и неможноста за вработување расселени се во многу градови во Албанија, најмногу во Тирана и Елбасан, мал број во Северна Македонија, а голем број живеат и работат, пред се во Грција.