По повод заминувањето од позицијата министер за внатрешни работи во техничката влада формирана за спроведување на предвремените параламентарни избори, Наќе Чулев им се заблагодари на сите колеги и граѓани за соработката и повика што поскоро да се формира владиното мнозинство за враќање на институциите во својот полн капацитет.
– Денес е последен ден од мојот мандат како министер во Техничката влада избрана за спроведување на предвремените парламентарни избори. Во изминатите неколку месеци сите ние, во Министерството за внатрешни работи, но и во државата поминавме низ турбулентен и прилично специфичен период во кој бевме исправени пред значајни и сериозни предизвици. Министерството за внатрешни работи во изминатиот период имаше исклучително важна задача: да го заштити здравјето на граѓаните, да ја гарантира безбедноста на државата и јавниот ред и мир и да организира мирни, безбедни и демократски избори. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам, пред се, на вас – граѓаните, кои со своето одговорно однесување дадовте сериозна поддршка на Министерството за внатрешни работи во исполнување на секојдневните задачи и обврски и справувањето со предизвиците кои претходно ги споменав, напиша Чулев на Фејсбук.
Воедно им се заблагодари и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи за, како што наведе, исклучително високото ниво на исполнителност во изминатиот период, а пред се на вработените во неговиот кабинет кој со исклучително високо ниво на одговорност, чесност и посветеност, пожртвувано пристапувале на исполнување на работните задачи и обврските.
Во објавата на Фејсбук Чулев напиша дека од утре се враќа на неговото претходно работно место, во Агенцијата за разузнавање, од каде што ќе продолжи, како што вели, да придонесува во областа на безбедноста.
Чулев денеска му ја предаде функцијата на Агим Нухиу, досегашен заменик-министер за внатрешни работи, кој на должноста ќе биде до изборот на нова влада и нов министер во овој ресор.
– На мојот наследник и колега Агим Нухиу од срце му посакувам успешно извршување на работните задачи во периодот што следи, напиша Чулев на Фејсбук.