Сите опции во игра: Партиските комбинаторики за нова Влада беше темата во денешниот „Стадион“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/20 12:19 PM

Сите опции во игра: Партиските комбинаторики за нова Влада беше темата во денешниот „Стадион“

Партискиот пазар работи. Кој со кого ќе коалицира? Се чини, преговара секој со секого. Има ли и пазар на пратеници? Лидерот на Левица Димитар Апасиев вчера обвини дека СДСМ прави обид за купување петмина пратеници за суми и до половина милион евра. Најчесто споменуваната опција за нова влада веројатно е таа со коалиција на СДСМ и неговите партнери, кои освоија најмногу пратенички места (46), со ДУИ, која е водечка во албанскиот блок со 15 пратеници, а заедно ги имаат потребните 61 место за мнозинство во парламентот. Кружат и помалку веројатни опции, како таа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи мнозинство со коалицијата Алијанса-Алтернатива, со Левица и со неколкумина од другиот блок…

Тоа беше темата во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“, која одеше во исто време со седницата на Државната изборна комисија на која беа официјализирани конечните резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.

Ардиан Демири, добар познавач на приликите во албанскиот партиски кампус, рече дека е логично да му се понуди на победникот со 46 пратенички места да се обиде да направи Влада. А дали тоа ќе биде со ДУИ треба да се види. Нагласи дека ДУИ во последните денови како да го релативизирал барањето за премиер Албанец. Истакна дека има многу опции, па можеби и менување партиски или коалициски дресови.

– Веќе имавме слична ситуација кога се носеа уставните измени. Од тотално безнадежна состојба, сите бевме сведоци дека на крајот се обезбеди потребното мнозинство. Може сосема лесно да се случи некоја слична комбинација ако ДУИ и СДСМ останат цврсто на своите позиции, а од тоа најголем губитник да биде ДУИ – смета Демири.

Љупчо Петковски истакна дека во јавноста се пуштени многу пробни балони и се вртат дваесетина комбинации, но тешко е да се претпостави што ќе се случи, со што сме биле во најкоплицирана постизборна ситуација досега.

Најголем дел од „Стадион“ водителката Весна Коловска резервира за слушателите, кои дадоа свои видувања на актуелната состојба поврзана со изборите и комбинаториките за составување Влада. Некои истакнаа и оти граѓаните веќе доминантно ќе почнат да прашуваат и да се интересираат дали има план за отворање на градинките, како ќе работат улилиштата од септември, што со здравството и секојдневните троцифрени бројки на новоаразени со Ковид-19, што со економијата, животот?