Црно-белите од Удине вчера за првпат по една деценија забележаа победа против Јувентус и тоа на неверојатен начин, откако после негатива од еден гол го свртија резултатот во нивна полза и победија со 2:1.
Шампионот на Италија во пост-корона периодот не игра добро и последните пет мечеви во Сериа А најдобро тоа се манифестираат. Пораз од Милан, исто така после водство од два гола, само нерешено против Аталанта на домашен терен, 3:3 против Сасуоло и испуштено водство од два погодоци и сега пораз од Удинезе со 2:1. Очигледен е заморот и неподготвеноста на тимот, но уште поочигледна е менталната подготвеност на екипата на Сари, со оглед на тоа дека Јувентус испушташе водство на мечеви кои се чинеа како добиени.
Деветтата титула на торинскиот гигант сепак ќе почека до следното коло, а на три кола до крајот на сезоната во Сериа А, Удинезе има предност од седум цели бодови во однос на Лече, кој се наоѓа на 18-тата позиција на табелата.
При крајот на првиот дел, централниот дефанзивец на Јуве, Матис Де Лихт, со удар од дваесеттина метри постигна убав погодок и му донесе водство на својот тим. Почетокот на второто полувреме беше резервирано за македонскиот фудбалски репрезентативец. Шведскиот средњак центрираше прецизно, а неговиот центаршут со глава го реализираше Илија Несторовски и го изедначи резултатот. Несторовски сезонава не се наоѓаше често на листата на стрелците и имаше проблеми со континуитет во играта, форма и минутажа, но овојпат ја оправда довербата на тренерот Готи.
Во судиското надополнување, на „јувенташки“ начин, Секо Фофана ја извиси целата одбрана на Јувентус и лесно поминувајќи го Матис Де Лихт го постигна победничкиот гол. Овој гол на Фофана, практично му обезбеди опстанок на Удинезе и опстанок во најсилната лига уште една сезона.
Голот на Несторовски и тоа не против било кого, претставува убава вест и за селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски и му нуди уште една опција во нападот за баражот за претстојното Европско првенство. Самоуверен Несторовски, ни ги зголемува шансите за успех првично против Косово, а потоа против Грузија или Белорусија во потенцијалното финале.