Адвокатот Петро Јанура по денешното рочиште во Основниот суд Велес изјави дека бараат да му биде укинат притворот на Владимир Панчевски, бидејќи во предметот не постои материјален доказ, односно правосилна судска одлука на Врховен суд судијата Панчевски да биде разрешен од функцијата.
-Денеска бевме сведоци на она што се случуваше во судницата. Имаше фларгантно кршење на човековите права на обвинетиот Владимир Панчевски и судијката не сакаше да се произнесе по барањето да биде укинат притворот, рече адвокатот Јанура.
Според него, во предметот не постои материјален доказ, односно правосилна судска одлука на Врховниот суд по жалбата на Панчевски, што значи дека таква одлука нема во судскиот предмет.
-Владимир Панчевски е носител на имунитет и не може да биде во притвор и да не се брани од слобода. Судот не можел да му изрече мерка притвор без одобрение на Судскиот совет. Додека Панчевски има имунитет, судот не може да продолжи со оваа постапка. Сите видовме дека судијата избегна да одговори на нашите барања. Очигледно дека таков доказ не бил доставен до обвинителот, ниту бил увиден од судечкиот судија, вели адвокатот Јанура.
Тој додаде дека овој притвор не само што не бил потребен, туку е незаконит бидејќи, како што рече, во записите на предметот судијата не истакнал дека постои таква одлука.
Судијката Валентина Ѓорѓиевска им дозволи на адвокатите да извршат увид во списите на предметот на писарницата на Основниот суд Велес веднаш по јавната расправа што ја презакажа за во понеделник (27 јули).
На последното рочиште на 10 јули откако Панчевски не се појави на судењето, судијата му одреди притвор и беше распишана потерница по него. После пет дена, на 15 јули, Панчевски сам се пријавил во Истражниот затвор „Скопје” во Шуто Оризари.
Панчевски треба да одговара за злоупотреби на АКМИС системот.