„ Една може“ е здружение на еднородителски семејства, околина за развој на еднакви можности и достоинствен третман, прво на членовите, но и на различно дискримирани девојки и жени. Во моментов здружението брои околу 4.000 членки, а 99% од нив имаат и деца, кои сметаат дека се соочуваат со селективна правда , а со тоа и голема неправичност кон овој тип на семејства. Од здружението велат дека проблемите на индивидуално ниво се мноштво, а уште поголем проблем е тоа што нема решенија, нема поддршка , нема мерки и закони за самохрани родители и за дечиња од еднородителски семејства и тоа ни зборува за непостоење на систем. За тоа со што се се соочуваат ваквите семејства разгваравме со Дороти Пачкова, претседател на здружението „Една може“, која за mms.mk ги изнесе сите проблеми во системот со кои се соочуваат оваа категорија на граѓани.

– Ако немаме систем, немаме држава, како тогаш имаме институции преполни со вработени кои земаат плата од сите нас? Како е можно да имаме локални самоуправи со 900 вработени а кога самохрана мајка ќе појде во општина, да нема кој да ја прими и да понуди решение за проблеми кои тука, на локално ниво се случуваат, вели Пачкова.
Кои се предизвиците воопшто, ни и предизвиците во услови на пандемија со кои се соочија еднородителските семејства? Кои се нивните барања до институциите и воопшто која е поддршката која (не) ја добиле?
-Еднородителските семејства, барем оние кои се обединети преку платформата на „Една може!“ согласни се во повеќе работи овој период. Во минатото можеби беше потешко да се мобилизира членството токму поради фактот дека оваа целна група живее „на работ“, под голем ризик и под континуирана несигурност за утрешнината, но овој период се чини дека ја загубија и сламката за која се држеа па се гласни како никогаш до сега.
На почетокот на епидемијата направивме пилот анкета за потребите кои поради вонредната состојба се поизразени во овие семејства. Резултатите ги искористивме за да ги покриеме детектираните потреби и дониравме над 150 пакети со храна и дезинфициенси на еднородителски семејства од цела држава, од села и градови. Само 70% од нив се пријавија на официјалната пријавница која ја споделувавме низ виралниот простор, додека пак останатите немаат пристап до информации, до виртуелен простор и затоа до нив не доведоа познаници, матични докторки, комшии кои се запознаени со нивните незавидни положби.

Во исто време работиме на кампања за овозможување на пристап до информации за Владините мерки кои се однесуваат на целната група. За жал, морам да кажам дека се малубројни и не се скроени за конкретните потреби на самохраните родители и на дечињата од овие семејства. Владините мерки се многу генерални и не ги покриваат најголем број на еднородителски семејства на што ние, како граѓанска организација реагираме јавно и апелираме за насочување на мерките и кон еднородителските семејства нудејќи предлози и начини за имплементирање.
Во првиот миг кога ќе се воспостави соработка и ќе се изнајде заеднички јазик, ќе објавиме дека има политичка волја и не само волја, туку и се постапува во смисол на одговарање на потребите на целната група. За тие денови живеемe !
- Дали наидувате на слух од страна на институциите?
-Сите знаеме дека до сега можеби и немаше поволен период за да се има слух… политичките елити работеа на своите приоритети како предизборни кампањи и слично. Во тоа нивно ангажирање заборавија дека граѓанките кои дупло придонесуваат во оваа држава, двојно работат и на пазарот на трудот и во домашните сфери, растејќи ги идните генерации самостојно, се оние кои ги гласаат или нема да ги гласаат токму поради фактот и генералниот став, како што многумина од нив често изјавуваат „препуштени се сами на себе“. Ние, како организација, тоа многу пластично го доживеавме кога ги посетувавме во нивните домови. Многу од нив низ солзи од неверување дека некои, во случајов ние, сме помислиле на нив а тоа е за прв пат во нивните животи. За жал, работиме на оваа идеа со немање на лично искуство за тоа што значи да се живее во здрава средина, и на микро и на макро ниво, но затоа имаме колективна меморија од тоа како нашите предци се организирале за да можеме ние да влечеме од нив што значи солидарност, емпатија и соживот.

Знам зошто дедовците ме израснаа со приказни од типот на колективно возобновување на Скопје, со тоа дека прадедо ми го викале „мајка“ зошто за вработените така се грижел – ги повикувал на одговорност, казнувал но и наградувал, одел во нивните домови да посредува во неразрешливи ситуации и давал, и давал и делел се што заработувал. Другиот прадедо патувал низ тогашна Југославија по налог на царот, за да формира и обучува раководители на тогашните пошти, за да може да имаме денес непречена комуникација едни меѓу други и со светот.
Вакви приказни слушам и од моите блиски луѓе и затоа велам, колективната меморија ни зборува за еден образец на соживот кои денес малкумина од нас го практикуваат, но затоа и многу добро знаат да го пренесат и да притискаат кон ваква култура на живеење и организирање. Ова е алтернативата денес, која ја бараме и за која работиме. Ова се полнозначните животи кои сакаме да ги живеат нашите деца. Ова е осмисленоста на постоење кон која целиме и која ќе ни ја овозможат јавните политики кои од нас треба да се родат и да ни бидат во служба на сите во едно современо организирано општество.

Како е да се биде самохран родител во нашето општество? Со какви проблеми се соочуваат?
-Родителството е патување кое секогаш треба да биде избор на родителот. Да се биде самохран родител во нашето општество, во некои случаи е личен избор а во повеќе слуачаи е сплет на околности. Знаеме дека кај нас во подем е младинското иселеништво, намалување на наталитетот, неможностите за формирање на заедници… сите овие фактички состојби евидентираат проблематично функционирање во државава.
Земајќи предвид дека се потешко се решаваат младите да имаат деца, увидуваме дека е комплицирано во потешко функционална средина да се направи исчекор и да се прават обиди за формирање на функционални заедници. Додадете на ова дека во нашите семејства, од различни причини како што спомнавме, станува збор за една личност која врши севкупна одговорност и должност кон децата, и може да се каже во буквално значење „само оној кој го почувствувал ова, знае како е“. Сите глобални политики упатуваат на неопходност од земање во предвид на сите маргинализирани, дискриминирани и слободно можам да кажам, долгогодишно угнетувани групи на граѓанки а во нашиве случаи и дечиња, но земјава сеуште каска и се применува старозаветната “посилните риби ги јадат помалите“. Ако дефинираме „силност“ во нашиов контекст, зборуваме за партизираност, мито, корупција, лактање и „газење преку живи луѓе“. Во најголема мера, или пак зборуваме за ретки ѕверки кои елевираат на труд, чесна посветеност, искрена верба во идеолошко позиционирање на еднакви можности и праведен свет за сите нас, неоткажување, истрајност, и одговорност во однос на заложбите и сработеното заедно со свесноста дека низ работењето држиме лекции како се живее, на децата, на сите наши деца.
Кристина Алексиеска
Фото: mreza-mira.net/roditelji.me/deciologija.rs


