Здружение на кошаркарски играчи изразува целосна поддршка на финалниот предлог на Македонската кошаркарска федерација во однос на намалувањето на бројот на странски играчи.
МКФ предложи намалување на странците од шест на четири со задолжителен настап на тројца Македонци во игра за следната сезона во Македонската кошаркарска прва лига.
– Сметаме дека раководството на Федерацијата презема еден важен чекор за подобрување на статусот на домашните кошаркари, како и на македонската кошарката во целост. Сакаме да го поздравиме ваквиот потег, но и да потсетиме дека остануваат и други чекори кои според нас се неопходни за подигнување на квалитетот на сениорските лиги и подобрување на условите за тренинг и натпревари. Ваквите промени, се надеваме дека ќе ги поттикне Прволигашите да почнат посериозно да инвестираат во младите играчи, и ќе превземаат низа мерки како би го олесниле процесот на нивно усовршување и спортски напредок, се вели во соопштението на Здружението на македонски кошаркари.
Извор: МИА