Гостивар утрово се разбуди обвиткан во чад и непријатна миризба. Причина за тоа е новиот пожар на регионалната депонија Русино. Еко активисти кои ја следат состојбата, утрово ни испратија видеоматеријали направени утрово околу 5 часот. Тврдат дека неполн час огнот се разгорел и ветрот го насочил чадот кон градот и селата Симница и Церово.
Граѓаните во револт и гнев ги коментираат фотографии и видеата. Според многумина состојбата била алармантна. Неколкукратно зголемена загаденост на воздухот над дозволените вредности регистрираа и мерните станици.
Владимир Наумоски од иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ оваа постапка ја доживува како порака од несовесните. Тој е убеден дека палењето на депонијата е реванш за протестот кој се организираше синоќа
Граѓанската инцијатива ги покани гостиварци да учествуваат во дефиле со автомобили за да го истакнат проблемот со Русино.
– Русино гори, капацитет нема иако надлежните ќе го кажат спротивното. Локацијата е несоодветна и придонесува за загадување на воздухот. Русино е тивок убиец и го загадува целиот гостиварски регион. Здравјето ни е загрозено, животната средина уништена. Бараме да се затвори депонијата и еднаш засекогаш овој проблем да се реши, рече Анастасија Дуковска од иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ пред почетокот на протестот
Од пред година ипол заради проблемите со депонијата и преку странски фондации беше најдено решение да се формира заедничко претпријатие на девет општини. Депонирањето и собирањето на комуналниот смет влезе во проект што го финансира швајцарската агенција за развој. Од полошкиот плански регион потврдија дека се доцни со постапката на формирањето на претпријието кое ќе управува со отпадот.
Градоначалникот Арбен Таравари му даде поддршка на протестот, но кажа дека барањето на протестирачите со кое депонијатаРусино ќе се затвори, во скоро време не е можно. Тој повика на дебата за да се определат наредните чекори.
– Загрижувачка е состојбата. Секоја недела има пожар, загадување на воздухот, непријатна миризба. Повеќе од две години ние немаме никакви ингеренции врз депонијата. Дислокацијата ќе биде голем проблем, а во моментов се спроведува проект за управување со отпад и уредување на депонијата, изјави Таравари.