Османи за 4 август најави конституирање на Собранието, СДСМ преговори за нова влада по Илинден – ММС
ММС

Објавено на: 07/24/20 11:06 AM

Османи за 4 август најави конституирање на Собранието, СДСМ преговори за нова влада по Илинден

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи во гостувањето на ТВ Телма најави конституирање на Собранието веднаш по Илинден, со проекција дека е можно на 4 август. Со тоа Османи се обиде да ги негира реакциите дека владејачката колалиција брзаше да се одржат изборите во време на корона, за потоа да се повлече и отиде на одмор.

Од друга страна, СДСМ во денешното соопштение по Илинден најавува почеток на преговори за состав на нова влада.

-После илинденските празници почнува процесот на преговори за можна коалициска соработка, но она што е јасно е дека сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница. Коалицијата што ќе ја предводи СДСМ ќе биде отворена за сите политички чинители, кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се’, соопшти СДСМ.

Околу продолжувањето на колаицијата СДСМ- ДУИ, особено по изречените тешки зборови за време на кампањата и инсистирањето на ДУИ за премеир Албанец, како услов за коалицирање, што беше прочитано како своевидна уцена, Бујар Османи ги расчисти дилемите.

-Само ако ние инсистираме на нашиот кандидат е уцена, а кога тоа го прават другите, тоа не е уцена. Тие веројатно ќе излезат со нивните кандидати и во согласност со аргументи кои ќе ги презентираме, ќе видиме за што ќе се договориме на преговарачката маса. Ова е понуда за урување на етноцентризмот, бидејќи до сега, да се биде Албанец беше критериум за исклучување за 12 позиции во државата, детектирани во 2009 година, од Претседател до Гувернер, кажа Османи.