Од раните утрински часови почнаа да пристигнуваат верниците кои сакаа да присуствуваат на петочната молитва (џума намаз) во Големата џамија „Аја Софија”, во Истанбул, која по 86 години, повтрорно е отворена за верски обреди, јавува Агенција Анадолија (АА).

Синоќа на на влезот на храмот беше поставен нов натпис, кој гласи на турски и англиски јазик: „Големата џамија на Агиа Софија“.

На церемонијата се поканети странски лидери, меѓу кои и претседателот на Азербејџан и Емир на Катар, а – според турскиот печат –во зградата се од 1.000 до 1.500 луѓе.
Молитвата кажува Али Ербас, раководител на Одделот за верски работи, моќниот Дијанет. И покрај пренатрупаноста, сепак, ќе бидат забележани мерки на претпазливост против коронавирусот, при задолжителна употреба на маски, средства за дезинфекција и распределување на индивидуални душеци за молитва на верниците.

Турскиот суд на 10 јули ја поништи одлуката на некогашната влада во земјата со која на 24 ноември 1934 година на Аја Софија ѝ е доделен статус на музеј. Со чинот на поништување на спомнатата одлука, на Аја Софија ѝ е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетените туристички дестинации во градот на Босфорот, Аја Софија од 1985 година се наоѓа на листата за светско културно наследство на УНЕСКО.

Надлежните служби во изминатите денови го уредија просторот внатре, но и надвор околу Аја Софија.
Турските власти најавија дека и понатаму ќе ги чуваат културно-историските вредности на Аја Софија и тоа на начин дека за верските обреди во неа ќе биде надлежна Управата за верски работи на Турција, а за реставрација, конзервација и заштита ќе се грижи Министерството за култура и туризам на Турција.

Туристите и понатаму ќе можат да ја посетуваат Аја Софија, и тоа бесплатно,а фреските на ѕидовите со завези ќе бидат прекривани само за време на намаз во џамијата.


