Многу манастири како и населени места имаат традиционални собирања за Илинден – некаде е тоа вечера, некаде се подготвува ручек, познат како давање курбан, но секаде е проследено со народен собир. Оваа година ќе биде прва во вонредни услови, каде треба да се почитуваат пропишаните здравствени протоколи.
Во Гевгелија, во селото Давидово за Илинден се подготвува вечера и руќек во манастриот „Свет Илија“, чиј Црковен собир до Општината упати барање за организирање на овој настан. Вакви настани се организираат во уште неколку населени места.
Општинскиот штаб побара настаните да се организираат строго според Протоколите за организирање на јавни и други настани на отворен простор. Односно, со задолжително носење на заштитни маски на организаторите и гостите, задолжително одржување на физичка дистанца од 2 метри, поставување на редарска служба и другите предвидени мерки. Согласно протоколите, се забранува служење и поставување на штандови и маси со храна и пијалоци, а што се однесува до подготвување на традиционалните „курбан“ јадења, истите можат да се подготват, но без собирање и заедничко славење.
Гевгелискиот Кризен штаб апелираше и до сопствениците на угостителските објекти и гостите за доследна примена и почитување на Протоколот за работа на угостителските објекти, како и на мерките за лична заштита и дистанца. Истовремено, побара уште еднаш да биде организиран состанок со сопствениците на угостителски објекти со градоначалникот на Општина Гевгелија, претставници на ОВРГевгелија, ДПИ, УЈП, АХВ, ДСЗИ, Трудова инспекција, за почитување и примена на Протоколите за работа и заштитните мерки од Корона вирусот. Исто така, Општинскиот штаб од надлежните државни органи и општински служби побара позасилена контрола на работењето на угостителските објекти, почитувањето на протоколите за работа и на законските одредби за работно време, бучава.


