Влегувањето во менопауза претставува нормален и природен процес кај жените, но секоја од нив го доживува различно. Некои жени речиси и да немаат симптоми, додека други доживуваат големи физички и психички промени.
Во некои случаи постменопаузата и намалувањето на естрогенот може да имаат големо влијание врз менталното здравје.
Постменопаузата и женското здравје
Постменопаузата е периодот што следи по менопаузата, а точен показател за неговиот почеток е високата вредност на FSH хормонот, што укажува дека работата на јајниците завршила. Хормоните ги движат, запираат, забрзуваат или успоруваат нашите физички и хемиски функции. Јајниците претставуваат извор на естроген и прогестерон, кои се клучни хормони за контрола на репродуктивниот систем. Токму поради исцрпувањето на активноста на женските хормони, постменопаузата може да влијае на женското физичко и психичко здравје. Освен умор, потење и исцрпеност, некои жени доживуваат психички проблеми.
Психички проблеми во постменопаузата
Психичките проблеми во овој период се вообичаени, а најчесто се препознаваат како намалена концентрација, намалена самодоверба придружена со депресија и анксиозност. Понекогаш се јавуваат и промени во расположението. Во овој период кај жените може да се јават негативни чувства, бидејќи тие се доживуваат како неважни. Со оглед на тоа дека хормоните многу влијаат на човечкото однесување, во овој случај главниот виновник за различните промени би бил естрогенот. Во текот на менопаузата, намаленото ниво на естрогент може да доведе до комбинација на хормонски и биохемиски разлики што резултираат со промени во мозокот.
Падот на естрогенот може да се манифестира на неколку начини:
Физички симптоми – умор, несоница, напнатост и така натаму
Промени во расположението – раздразливост, чувство на така, недостиг на мотивација и слично
Проблеми со концентрацијата
Депресивно и анксиозно расположение
Проблеми со емоционалната регулација
Влошување на веќе постоечките психички проблеми
Депресија и анксиозност во постменопаузата
Неодамнешните студии покажале дека шансите за депресија се за четири пати поголеми при постменопауза, отколку во кој било друг период од животот. Иако кај некои жени депресијата за првпат се јавува тогаш, некои жени ја искусиле и претходно, па потоа стануваат уште почувствителни. Анксиозноста е најчестиот проблем поврзан со менталното здравје, а се јавува кај скоро 25 проценти од популацијата барем еднаш годишно. Колку тежок период е постменопаузата во животот на една жена, покажуваат и клиничките студии кои се посветени на поврзаноста меѓу депресијата, биполарното растројство и некои други психички состојби.
Секој нов период во животот со себе носи одредени промени, а кога се во прашање биолошките процеси поврзани со психичките промени, ситуацијата станува уште потешка. Жените кои имаат одредени психички проблеми пред појавата на менопаузата стануваат почувствителни на хормоналните промени кои почнуваат да се случуваат во нивното тело. Тоа значајно може да ги отежни нивните секојдневни активности.
Менопаузата резултира со бројни прашања кај жените, но и сомнежи поврзани со нивната самодоверба. Покрај ова, општествените стереотипи дополнително создаваат притисок, па затоа постменопаузата носи големи предизвици кои е тешко да се прифатат.
Социјални промени при постменопаузата
Освен хормоналните промени, постојат и другите фактори ки може да влијаат на менталното здравје кај жените, а тоа пред се’ се социјалните фактори кои се поврзани со психичките потешкотии. За време на менопаузата на многу работи им се ближи крајот – кариерата завршува, децата си заминуваат од дома, родителите стареат и потребна им е помош… Многу животни очекувања во овој период треба да се преиспитаат, но потребно е да се постават и некои нови цели. И покрај ова, тогаш доаѓаат нови почетоци кои може да бидат навистина возбудливи. Многу жени во тој период стануваат баби па може да уживаат во својата нова улога. Исто така, слободното време нуди бројни можности за нова организација на времето, извршување на некои активности што жената ги сака, но за кои претходно немала време.
Со други зборови, животот во постменопауза не застанува, туку продолжува на поинаков начин, и иако тој подразбира бројни промени, носи и нови можности, но само треба да им се даде прилика.
Пишува: Marija Granić
Извор: krenizdravo.hr