Поразот од Ливерпул во вчерашниот дуел од 37 коло од Премиер Лигата од 5:3, уште еднаш потврди проблемот на Челзи оваа сезона – одбраната. Не се памети кога последен пат Ливерпул примил воопшто три голови на еден меч, особено не на „Енфилд“, а три гола против било кој тим, во најголемиот дел од случаите значи и победа и три бода. Во случајот на Челзи, се испоставува дека не е така.
Примените пет голови покажаа кој е најголемиот проблем на тимот на Лампард во 2019/20. Челзи ги ангажираше Зијеш и Вернер, а на прагот е на ангажирање и на вториот Германец, младиот играч од средината на теренот на Баер Леверкузен, Каи Хаверц. Но освен нападот, сините од Лондон ќе мора да менуваат и во одбраната, која поприлично несигурно делува, почнувајќи од чуварот на мрежата Кепа.
Во таа насока, Роман Абрамович е подготвен да го ангажира централниот дефанзивец на Атлетико Мадрид, Хозе Гименез. Гименез беше познат по одличното партнерство со Диего Годин во најплодните денови на црвено-белите од Мадрид.
Уругваецот веќе некое време е на радарот на Челзи и според скаут службата, тој би бил идеално решение во задната четворка. Во периодот кој следува, според медиуите Челзи ќе го тестира Атлетико со примамлива понуда, понуда која би можела да вклучува и играчи. Маркос Алонсо се споменува во комбинација, исто како и голманот Кепа Аризабалага.


