Ситуацијата во најголемиот фудбалски македонски клуб Вардар, од ден на ден е се позагрижувачка. Шпекулациите околу неговата иднина се засилуваат и генерално водат во насока со негативен исход. За промена, последниве денови пристигнуваат информации дека германската фирма „Флајер Аларм“, која освен како биро за материјали, сега функционира и се пробива во фудбалскиот инвестициски пазар, покажува сериозен интерес за влегување во клубот, а посредникот помеѓу челниците на Вардар, град Скопје и Германците е легендата на македонскиот фудбал, Саша Ќириќ.
Вардар поради финансискиот долг од повеќе од два милиони евра, остана без Европа за претстојната 2020/21 сезона. Проблемите продолжија, откако управата им даде зелено светло на сите фудбалери под договор, да си бараат други клубови и да ја променат средината. Сезоната пак, во Првата фудбалска македонска лига, стартува за петнаесеттина денови, а најтрофејниот наш клуб не знае дали ќе има ростер и играчи со кои ќе може да започне да се натпреварува.
-Што се случува точно во клубот, со сигурност не можам да ви кажам. Тоа треба да го кажат одговорните во тој клуб. Ние се обидуваме да излеземе во пресрет и да оствариме некој контакт со одредени луѓе кои би можеле да влезат во клубот и да го спасат. Јас се активирав како посредник, преку мои пријатели од Германија разговарав со „Флајер Аларм“, фирма која сега се занимава и со инвестиции во фудбалот, на челот со господин Томас Фишер. Познатиот германски тренер Феликс Магат е ангажиран како раководител во спортскиот дел. Фактички јас го користам тоа познанство, за да го анимирам за Вардар, изјави Ќириќ.
Според него, Вардар како тим е интересен за нив, како инвестиција за во иднина. Меѓутоа целокупната ситуација е комлицирана од повеќе аспекти. Финансискиот- долгот од повеќе од два милиони евра, правниот -со оглед на тоа дека Вардар „се губи“ во правните лавиринти се уште и овој последниот, предизвикан од пандемијата на коронавирусот на глобално ниво и околностите кои таа ги создава.
-Тие се спречени да дојдат и да ги расчистат работите. Имаат увид во ситуацијата, бараат средба со градоначалникот на Скопје. Но клубот е во рацете на Самсоненко сè уште, долговите постојат и постои еден магичен круг кој тешко се решава. Како ќе биде, не се знае. Процедурата е комплицирана, не се завршува за два-три дена, треба да се седне, сите инволирани страни да разговараат. Имаат проверена позадина, покрај моите основни информации, дури се информирани дека во клубот нема играчи. Само прашање на време е колку Вардар може да чека, се доцни со подготовки. Александар Васовски ги има пуштено сите млади играчи на некоја пауза и тие исто така се во исчекување. Дури и да се нафатат стопроцентно, повторно ќе треба време додека тие од Германија пристигнат тука, вели поранешниот напаѓач на Нирнберг.
Карантинот од 14 дена кои би морале инвеститорите да го поминат при враќањето во Германија, претставува навистина објективна пречка и кочничар на потенцијалниот договор. Бугарските инвеститори пак, кои доаѓаа во Скопје во неколку наврати, немаат одговор и решение за ситуацијата. Засега Вардар „вештачки“ се одржува во живот, но постои сериозна опасност сезоната да се започне со младинци, кадети, без искуство, дури и суспензија од страна на ФФМ.
-Доаѓаме до опасност да играме со деца без искуство. Ќе се посрамотиш, ќе загубиш, можеби и нема, но реална опција е да се доведе Вардар до испаѓање од ПМФЛ. Дури, може да се случи и ФФМ да го суспендира Вардар поради долгови и да не му даде шанса да игра во лигата. Не знам дали може тие долгови да се замрзнат, колку Вардар да игра во лига, па подоцна можеби и ќе се изнајдат играчи без клуб, или играчи кои би играле за клубот од љубов, за беспари, или за многу ситни пари. Поентата е да не згасне целата приказна. Не се знае дали фудбалерите сега имаат струја, вода за туширање, додава Ќириќ.
Запрашан дали уште некој од легендите на фудбалскиот клуб Вардар, но и останатите фудбалски работници, тренери, фудбалери во земјава, стапиле во контакт со него или покренале иницијатива слична на неговата, Саша Ќириќ вели дека не е информиран, но би било убаво според него тоа да се случи.
-Секој си гледа денес за себе, ако уште некој се обиде, тоа е добра работа. Ако се чукне на 100 врати, една можеби ќе ти отвори, завршува Ќириќ.
Вардар е прогласен за шампион во сезоната 2019/20 во ПМФЛ, но првата позиција на табелата нема да му донесе европско лето и квалификации за најдобрите европски клупски натпреварувања.
Давор Јосифоски


