Додека општината преку весник се обидува да го најде сопственикот односно инвестирот и додека топката се префрла од едно на друго место, градежниците си ги извршуваат своите обврски на местото на поранешното кафуле во „Мавровка“. Решението по вторпат е објавено во Службен весник, а од утре започнува рокот кој ќе трае осум работни денови за отстранување. По истекот на рокот, општината ќе мора да го сруши објектот во изградба.
-Овластениот градежен инспекторат има донесено решение со кое се бара отстранување на наведениот објект и рокот на дејствување е осум дена од приемот на решението од страна на изведувачот или инвеститорот. Но тоа што треба да се спомене е дека при инспекција, никој од присутните лица не презема одговорност за работите и решението треба да му се достави на непознат сторител, изјавија од општина Чаир.
Од општината додаваат дека постапуваат согласно правилата за доставување на актот, во случај кога сторителот е непознат и дека имаат извршено доставување на актот со јавна објава, чија постапка е во тек.
Вчера, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека не е информиран околу извршување на нов инспекциски надзор на местото и се огради од одоговорноста во врска со градежната инспекција. Тој рече дека општина Скопје има малку ингеренции за надзор на градилиште и дека тие можеле, како што и впрочем го направиле тоа, да ја известат надлежната општина Чаир дека станува збор за дивоградба на таа локација.
Да се потсетиме, кафулето „Фонтана“ во трговскиот центар „Мавровка“, неодамна изгоре во пожар, а неколку денови после пожарот, на истото место никна нов градежен објект од страна на непознат инвеститор.