Ф.Ременски: Можно затскривање на инволвирани во Рекет 2 со извршни овластувања – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/20 1:57 PM

Ф.Ременски: Можно затскривање на инволвирани во Рекет 2 со извршни овластувања

Поранешната потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски по излегувањето од судот, каде се одржа рочиште за предметот „Рекет 2“ , кажа дека поддршката на идеја не е кривично дело, а меѓу редови најави дека можеби ќе излезат докази за злоупотреби на државни средства и обиди за затскривање на можни обвинети со извршни овластувања.

-Ќе негираме и ќе докажуваме дека нема кривично дело кое ми се става на товар , а тоа е помагање во измама. Во прашање се доведува и постоењето на кривичното дело од стана на сите обвинети кои денес дадовме воведни говори. Ќе ги истакнеме сите докази кои одат во прилог на нашата теза, а тоа е дека самата поддршка на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е кривично дело и за тоа ОЈО ниту има, ниту ќе понуди докази. Во понудените сведоци и докази ќе можете да видете и да се уверите во реални дејствија на овластени лица кои имаше пристап за реализиција на овој проект. Тоа е прашање кое е од клучно значење. Самата квалификација што ЈО ја дало на дел од сведоците зборува за непрепознавање на кривичното дело помагање, наспроти немањето на опис на помагањето кое мене ми се става на товар. Многу лесно можете да кажете дека некому сте дали совет и упатство, но тешко е да докажете дали тоа е упатство за извршување на кривично дело или упатување на законска процедура за проект. Има сериозни фалинки целокупното јавно обвинителство во овој предмет и произволноста на квалификациите на кривичните дела. Во текот на постапката ќе излезат и докази за користење на незаконски средства за одредени дејствија за да се дојде до една ваква слика во судница, во која ќе има обвинети, а ќе има изоставање на можни обвинети.”, изјави Ременски.

Првообвинетиот во предметот Бојан Јовановски – Боки 13 во судницата кажа дека Ременски е само едно од звучните имиња,  потписници на договорите на неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“, пркеу која, според обвиниението се испрани близу милион евра.

-Не само обвинетата Фросина Ременски, туку дека и многу други лица беа дел од „Меѓународен сојуз“ и потпишуваа договори. Јас тогаш бев симпатизер и граѓански активист на СДСМ и дел од Шарената револуција. Од тогаш започнуваат контактите со Ременски, сум имал контакти и со повисоки лица од партијата“, рече Јовановски.