Ана и Мане се вљубеници во природата кои многу често се во близок контакт со неа и тоа преку честите кампувања или како велат„хотел со милион ѕвезди“. Нивните искуства преку фотографии ги споделуваат на социјалната мрежа Инстаграм преку профилот кој може да го најдете како Adventure.mk. Кога ќе ги погледнете фотографиите тогаш зборот „авантура“ добива смисла и посакувате за момент да се најдете на таа локација каде тие удобно се сместиле и во друштво на нивниот најверен пријател Арон, уживаат и се релаксираат во пејзажите кои ги создава самата природа.
https://www.instagram.com/p/CC3cQrIHq_d/
Често може да најдете совети каде е најдобро да поставите шатор, како и што да понесете на вашата кампинг авантура. Но не ја забораваат приорадата, по секое кампување да ја остават онакава каква што била. Неодамна на нивниот профил имаше и акција каде нивните следачи ги мотивираат да фотографираат вреќи со ѓубре онаму каде што несовесните умови направиле неред.
Авантуристичкиот дух на Ана и Мане го запознаваме во продолжение од краткото интервју за MMS.MK.
Идејата да направат инстаграм профилот Adventure.mk и да преку него и фотографиите да шират позитивна енергија е всушност нивниот начин на живот и она што тие често го практикуваат.
„Зад профилот на @adventure.mk на инстаграм стојат двајца љубители на природата, Ана (@_anagaber) и Мане (@_terzievm_). Нашите интереси ги споија нашите патишта, ако може наједноставно да се опише. Профилот на инстаграм е слика за она што го практикуваме и уживаме да го правиме. Главната причина поради која се одлучивме да споделуваме јавно е тоа што, почнувајќи од себе, многу луѓе немаат доволно информации за различни работи поврзани со кампувањето. Денес комуницираме со една група од луѓе, што и не е така мала и со која обострано споделуваме наши искуства, совети, предлози“, раскажува Ана.
https://www.instagram.com/p/CBFymq9HF9j/
Велат она што најмногу ги радува е тоа што се повеќе луѓе се одлучуваат за кампување, се интересираат, поставуваат прашања и ги споделуваат со нив нивните авантури.
„На фотографиите не посветуваме преголемо внимание, но секогаш гледаме да имаме фотки од местото, кои ќе го прикажат во онакво светло какво што е“, додава Ана.
Со кое превозно средство е најдобро да се помине нашата земја што би се рекло „уздуш и попреку”?
„Со било кое возило со зголемена проодност – веројатно не би имале проблем да ги посетите и помалку достапните места во нашата земја. Идеално би било да имате можност да стигнете до локацијата (каде што планирате да преноќите), а од таму е уште позабавно ако продолжите да планинарите или возите велосипед“, велат Ана и Мане.
Има многу убавини кои може да посетат во нашата земја, природата е богатство кое секому му припаѓа и може да ужива во благодетта. Кои се места ги имате поминато во Македонија и каде е најубавата природа?
„Почнувајќи од Велес со сите околни убавини, потоа Галичица, Пелистер, Козјак, Јакупица, Караџица, Преспа, Крушево, Китка, Осогово, Мантово и уште многу други. Иако ова се доста атрактивни места, сепак оние кои ги бираме за да преноќиме се подалеку од населени места“, раскажуваат Ана и Мане.
Кампувањето на Галичица со нивни пријатели е највечатливата авантура која ја имаат доживеано досега.
„Кампување на Галичица. Наши пријатели ни предложија место покрај едни летниковци во самиот национален парк, каде што требаше да преспиеме. Вечерта во 11 заклучивме дека не ни се допаѓа околината, па рековме ќе одиме горе на врв, за кога ќе се разбудиме да имаме поглед на Охридско Езеро. Знаете што се случи? – утрината не расони првиот зрак од сонцето, а под нас ништо друго освен езеро од облаци“, раскажуваат тие.
Кампувањето го практикуваат во зависност од активностите кои ги имаат и секогаш е различно.
„Има периоди кога сме активни секојдневно во текот на работната недела, а и за викенд, но има и периоди кога обврските преовладуваат па се случува да прескокнеме и по две до три недели. Оние првите ни се поомилени“, велат Ана и Мане.
Вашиот совет за камперите кои ова лето можеби за прв пат ќе го направат тоа, или мотив за оние кои се уште се двоумат?
„За оние кои планираат да се впуштат во светот на камперите, би ги посоветувале да не се откажуваат пребрзо. Првите неколку кампувања веројатно ќе ви бидат напорни, но сето тоа е дел од една голема лекција која ќе ве научи што ви е потребно да имате со вас, точно за она што го правите. Никој не успеал од првпат. Со самото кампување, дознавате каков прибор, облека, алат итн. ви е потребен, односно ви е вишок.
Многу битен дел од кампувањето е организацијата. Моментот на тргнување е последно нешто на списокот, пред него е се она што треба да го понесете и на каков начин истото ќе го искористите. Дали можете без тоа да преживеете неколку денови или тоа нешто мора да го носите со вас. Колку и да слушате совети, кога самите ќе искусите тоа ќе биде вистинското“, советуваат Adventure.mk.
Што е она што го носите и спаѓа во камперска опрема?
„Начинот на кој кампуваме опфаќа спиење во возило. Она што го носиме со нас зависи од временските услови и местото кое го бираме за да преспиеме, но поголемиот дел од работите ни се потребни во било која ситуација. При секое кампување носиме работи потребни за спиење (душеци, вреќи за спиење, перници и постелнина), како и организатор за храна во кој е сместен оној дел од храната кој не се расипува или има подолг рок на траење. Истите стојат секогаш спремни и на едно место, па на овој начин ги избегнуваме ситуациите каде нешто забораваме дома. Она што е дополнително и ни е релативно потребно се маса, столчиња, подлога за седење на земја, фрижидер кој е на приклучок за во возило, тенда или друг вид на сенка, светла на батерии, мал звучник за музика, резервен акумулатор, по некоја забавна игра итн. На нашиот инстаграм профил може да видите повеќе околу целата припрема за кампување. Бидејќи со нас го носиме и Арон (нашето куче), за него иста така има некои неопходни работи“, велат Ана и Мане.
Една незгода на авантуристичко патување, може да ве однесе на подобра локација и подобар поглед кога ќе „ѕирнете“ од шаторот. Такава имале Ана и Мане.
„Да. Грција, лето 2019. Имавме дефект на возилото, па оптимистички поминавме 700km со 60km/h. После два дена кампување, не избрка полиција од местото каде планиравме да го поминеме нашиот летен одмор, ни дадоа рок од 30 минути да се спакуваме и заминеме пред да добиеме парична казна, но затоа другото место што го најдовме беше едно од најубавите, плус спиевме на самата плажа со уште неколку кампери околу нас. На одење одлучивме да скршнеме уште 100тина километри, па тоа не чинеше да се враќаме од македонска граница со 40km/h. Ништо не не спречи да бидеме расположени“, ја раскажуваат нивната авантура.
Предлог дестинации за ова лето кои Аdventure.mk ги предлага и мора да се посетат?
„Јас би предложила Нижеполе со сите локални селца, искачување до Големо Езеро и прошетка до стазите. Има посебна енергија која те прави релаксиран и опуштен. Мане би го одбрал Маврово, како едно од местата кое не може да ти здодее. Ова лето е особено атрактивно и привлечно, исполнето со различни outdoor активности и дружби“, предлагаат Ана и Мане.
https://www.instagram.com/p/CCGbtmRnvwE/
Ако ова лето сте на два ума дали да одберете кампување или приватно сместување, советот од Adventure.mk може да ви ја реши дилемата.
https://www.instagram.com/p/CA-et7dH5W8/
„Да го искористат секој слободен момент и да не се двоумат. Тоа е начин преку кој дознаваме повеќе за себе, за тоа кои сме и што се можеме да направиме. Го исполнува нашиот дух, а го ослободува телото од сите негативни работи. Не учи на едноставност и на пронаоѓање на среќата во малите нешта“, велат Ана и Мане.
Со оглед на ситуацијата во нашата земја , кампувањето може да биде и најбезбедно за овој период. Сместувањето, храната и локацијата ги бирате вие, а исто така и ѓубрето кое ќе го направите останува на вас како обврска да го соберете и природата да ја оставите онаква каква што, во спротивно фотките кои ќе ги направите за на Инстаграм нема да изгледаат толку добро како на Ана и Мане.
Дечки среќна нова авантура!
Габриела Додевска