Кривична пријава за советникот на Чулев за инцидентот на изборниот ден во Тетово – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/20 10:05 AM

Кривична пријава за советникот на Чулев за инцидентот на изборниот ден во Тетово

Дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска на својот фејсбук профил објави дека против државниот советник на министерот Чулев ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело насилство.

– Во врска со несоодветно и насилничко однесување на припадникот на МВР, Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ги заврши потребните проверки за настанот во Тетово кој се случи на 15.07.2020 год при што констатира дека постои основано сомнение дека полицискиот службеник, државен советник за полициски и криминалистички работи на министерот за внатрешни работи сторил кривично дело насилство по член 386 став1 и малтретирање при вршење служба по член 143 од КЗ за што против истиот до ОЈО ГОКК – Одделението за гонење на сторите на кривични дела на лица со полициски овластувања поднесена е кривична пријава, напиша Петровска.

Против државниот советник поведена е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и истиот ќе биде суспендиран од работното место до завршување на дисциплинската постапка во МВР.

Инаку на денот на изборите државниот советник на министерот за внатрешни работи го нападнал началникот на Единицата за безбедност на сообраќај во СВР Тетово.

На социјалната мрежа „Твитер“ се појави видео во кое се гледа агресивноста на советникот. Неофицијално се пишуваше дека инцидентот настанал поради партиски несогласувања.

Советникот меѓудругото е истиот кој предизвика инцидент за време на полицискиот час во државава. Тој беше запрен од полициска контрола при што мѕ била побарана дозвола за движење. Тогаш спротивно на своите овластувања му издавал наредби на полицискиот службеник и му се заканувал дека доколку не го послуша ќе трпи последици.

Од Кабинетот на Чулев за тој инцидент кажаа дека внатрешна не утврдила одговорност за истиот.