Се решава водноснабдувањето на населените места Раштани и Бузалково во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 3:42 PM

Се решава водноснабдувањето на населените места Раштани и Бузалково во Велес

Динамиката на градежните работи на изградбата на системот за водоснабдување за селата Раштани и Бузалково се одвива добро. Чиста и здрава вода за пиење во домовите на овие граѓани на Општина Велес ќе потече за околу 8 месеци, што временски e пред крајниот рок за изведба. За ова денеска ги информираа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Велес Аце Коцевски изведувачите од велешката фирма Делта пром. Министерот и градоначалникот направија увид на работата на трасата на водоснабдителниот систем.

-Ме информираа дека проектот е многу добар и градбата ќе оди многу брзо со што ќе решиме многу важно прашање за граѓаните на Раштани и на Бузалково. Проектот чини 500.000 евра со кој ќе се изградат 10 километри водовод, рече министерот Сугарески.

Изградбата на системот за водоснабдување и поврзувањето со велешката градска мрежа за двете села значи трајно решавање на проблемот со водата за пиење. Особено за селото Бузалково со 1.273 жители кои константно немаат доволни количини на вода во лето. Освен изградбата на цевковод со проектот се предвидени изградби и на препумпни станици.

-Треба да се изградат и две препумпни станици затоа што котата на селата Раштани и Бузалково е повисока од позицијата на филтерната станица на водоснабдителниот систем во Велес. Водата мора да се препумпува за да стигне до селата. Исто така се предвидени зафати за рехабилитација на постоечките резервоари за вода во Бузалково и во Раштани за да можат да ја примат новата количина на вода., рече градоначалникот Коцевски.

Проектот, го финансира Министерството за транспорт и врски и се очекува да придонесе за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните во двете населени места. Освен овој, годинава, Министерството за Општина Велес обезбеди и 1,2 милиони евра за изградба на патишта и улици од проектот на Светска банка.

Убавка Јаневска