Куќите во штипско Ново Село, донација на општината од д-р Жан Митрев станаа депонија.
Откако претходната власт почна да ги руши а Заводот Музеј Штип го стопира рушењето, куќите почнаа да се распаѓаат претставувајќи потенцијална опасност по животот на жителите.
Локалната власт вети дека на овој простор ќе никне Музеј, но засега имаме само „депонија“ за Музеј. Жителите од околните куќи, веќе постоечката депонија од цигли, греди, камења и ѓубре, почнаа да ја дополнуваат и со шутот од реновирањето на нивните куќи.
Засега не успеавме да добиеме одговор до каде се активностите во врска со обезбедување на средства за проектот куќи во Ново Село., но она што е познато и за што пред речиси една година градоначалникот ја информираше јавноста е дека е изработена техничката документација за која што е платено 350.000 денари, издадено е градежно одобрение и се чека повик за да се аплицира за пари.
,,Имаме издадено градежно одобрение и сега останува да аплицираме и добиеме средства за изградба на таков тип на Музеј. Затекнавме не целосно решен проблемот со земјиштето на тие куќи, бидејќи објектите беа подарени но не и земјиштето под објектите. Решен е и тој проблем. Аплициравме до ЕУ но од таму добивме одговор дека засега немаат слободни средства за инвестиции. Во овој момент важно е дека имаме готов проект со кој што можеме да аплицираме, каде сакаме“, изјави Бочварски минатата година реагирајќи на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ , дека локалната власт не прави ништо да се реши проблемот со распаднатите куќи во Ново Село , донација од доктор Жан Митрев.
Како и да е глетката е грда и загрижувачка. Наместо просторот да се расчисти, депонијата секојдневно расте, за што уште повеќе придонесуваат несовесните граѓани.