Ишијасот претставува болка која се шири од долниот дел на грбот преку ногата, предизвика од воспаление на ишијалниот нерв. Ова е всушност и најдолгиот нерв во човечкото тело, па ишијасот во бременоста се создава токму поради притисокот на матката врз него. Не е невообичаено бремените жени да се жалат на тапа, а понекогаш и на остра болка која се шири од задникот се’ до потколеницата, па дури и до прстите на нозете.
Самата бременост носи со себе можни причинители на ишијасот:
Зголемена телесна тежина – мускулите на ‘рбетот треба да ја издржат „новата” телесна тежина, бидејќи се зголемува оптоварувањето на интервертебралните дискови и зглобовите;
Промена во држењето на телото – поради зголемување на телесната тежина, центарот на рамнотежа е префрлен напред што се компензира со навалување на грбот наназад и заедно со ослабените стомачни мускули се појавува лордоза на ‘рбетот;
Хормонални промени – хормонот релаксин во бременоста ги релаксира лигаментите на карличниот регион за да го подготви телото за породување, но истиот хормон ги релаксира и лигаментите на ‘рбетот, предизвикувајќи нестабилност.
Ишијас во бременоста – симптоми
Болка што се шири од долниот дел на грбот преку една или поретко и двете нозе
Болката е полоша додека седите
Појава на чувство на пецкање
Слабост, вкочанетост или тешкотија при движење
Постојана болка во мускулите на долниот дел на ногата
Ишијас во бременоста – дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на опис на симптомите и природата на болката, поради што треба да се направи физички преглед. Во повеќето случаи, не се потребни дополнителни тестови, бидејќи дијагнозата е честа и едноставна, но понекогаш, од безбедносни причини треба да се направи магнетната резонанца.
Магнетната резонанца е безбеден, неинвазивен тест што не штети ниту на бремената жена, ниту на фетусот.
Како да се третира ишијасот во бременоста?
Важно е бремените жени да престанат со активности кои причинуваат влошување на болеста. Се препорачува одмор и физикална терапија со цел ублажување на симптомите.
За истата цел, трудниците треба да избегнуваат кревање на тешки предмети или претерано долго стоење. Може да земат и аналгетици во консултација со лекар, да одат на масажа или пак на пливање.
Ишијас во бременоста – прогноза
Во повеќето случаи, ишијасот исчезнува по породувањето.
Извор: krenizdravo.hr