Наместо Ралф Рагник, Стефано Пиоли ќе остане тренер на Милан – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 12:42 PM

Наместо Ралф Рагник, Стефано Пиоли ќе остане тренер на Милан

И кога сите очекуваа дека Германецот со својата „свита“ ќе пристигне во Милан и ќе направи револуција како во претходните негови тимови, Иван Газидис донесе одлука да се откаже од Ралф Рагник и да го остави Стефано Пиоли на кормилото на Милан и следната сезона.

Германскиот стратег, кој по вокација и не е само тренер, туку е човек кој сака да ги има сите конци во рацете, од регрутација на играчи до доведување целосен нов стручен штаб со него, не успеал докрај да се договори со челниците на Милан и токму ваквите поставени услови биле пречка за неговото појавување на голема сцена.

Рагник претходно е заслужен за влегувањето на Хофенхајм во првата германска лига и етаблирањето во неа, како и клубовите кои се под директна управа на брендот „Ред Бул“, Салзбург, Лајпциг, Њу Јорк и најновиот, Ред Бул Бразил.

Раководството на италијанскиот гигант, сепак ја занемари богатата фудбалска биографија и реши да го продолжи договорот со Стефано Пиоли, кој навистина, особено по паузата, го препороди миланскиот тим. Со вчерашната победа над силниот Сасуоло годинава, Милан се искачи на петтата позиција на табелата и е се поблиску до Европа Лига.

-Сакав ова да се случи, верував во себе. Задоволен сум од тимот, клубот, навивачите. Нашата работа штотуку започнува. Милан е еден од најголемите клубови во сетот. Имаме мотив и глад да покажеме што можеме да направиме. Поставивме цврсти темели, има млади играчи кои веќе ги покажаа своите квалитети и можат да станат уште посилни, изјави италијанскиот тренер Пиоли.

Тој додаде дека од самото назначување се чувствувал одлично во Милан и никогаш не забележал негативен став од играчите, управата или навивачите.