Не дозволувајте да ве манипулираат, бидете одговорни, порача до естрадата Горјан Стојановски, новиот претседател на ЗЕУМ – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 12:39 PM

Не дозволувајте да ве манипулираат, бидете одговорни, порача до естрадата Горјан Стојановски, новиот претседател на ЗЕУМ

Организирањето на забавите и непочитувањето на протоколите за работа на угостителските објекти го натера да реагира и Здружението на естрадни уметници (ЗЕУМ), кое упати апел до сите пејачи и музичари да бидат многу внимателни, за да не бидат злоупотребени и да се придржуваат кон протоколите.

-Со оглед на неколкуте настани низ Македонија кои оддекнаа на вести и социјални мрежи за целосна неодговорност на публиката и угостителите во одредени локали, а се огласи и Независната угостителска комора, кои апелираат до нас од естрадните уметници, да не дозволиме да бидеме користени како носители и причинители за организирање на разни прослави. Ме радува што после четири месеци пополека почнаа нашите колеги да се враќаат на живите настапи со тоа и да заработуваат.Одморени, желни за работа и се придржуваа до одредените мерки. Но, според она што го гледаме на социјалните мрежи беше се до овој викенд, вели Горјан Стојановски, новиот претседател на ЗЕУМ.

Тој наведува дека ЗЕУМ има одговорност кон сите естрадни уметници да бидат транспарентни, да делуваат заштитнички, со целосно внимание кон егзистенцијата, но и социјално-општествена одговорност.

-Како дејност која е најпогодена во оваа вонредна состојба, додека работиме на тоа што поскоро да се изнајде регулатива за легално вистинско функционирање на сите музичари, замолуваме и апелираме за повисока свест и одговорност кон препораките и мерките за заштита од Ковид-19 на местата каде што настапувате, како и да се внимава во кои угостителски објекти се настапува со поддршка за оние објекти кои ги почитуваат соодветните протоколи.  Надлежните институции имаат право да ги казнуваат сите што иницираат и поттикнуваат ширење на зараза, со парични и кривични казни, бидете свесни дека неодговорното однесување може да наштети на сите музичари, сите угостители, а во најлошо сценарио и повторно враќање на карантин. Искрено се надевам дека нема да дозволиме да дојде до тоа, а ЗЕУМ ќе продолжи да преговара и да ги застапува правата на сите уметници, вели Стојановски.