Во Штип крајно сериозна состојбата со Ковид-19, карантин не е во план – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 11:37 AM

Во Штип крајно сериозна состојбата со Ковид-19, карантин не е во план

Дури 570 граѓани на Штип или еден отсто од жителите се во изолација, а до вчера 324 се позитивни на Ковивид 19. Во Клиничката болница има 50 заразени пацинети, се подготвува терен за монтажна болница. Две текстилни компании со заболени работници се привремено затворени, а трета поголема, најавува годишен одмор од петок.

Од друга страна, изминатиот викенд местата за забава беа полни, нормално работеа, а на луѓето се’ потешко им паѓа придржувањето на мерките за заштита. Бројката на заболени не се смирува. Градоначалникот Благој Бочварски денеска апелираше до граѓаните за придржување до мерките, додека од субјектите, компаниите и инсититуциите да пристапат сериозно кон предизвикот со Ковид – 19.

-Доколку не се почитува, тука се органите,инспекциите, Јавното обвинителство, полицијата, кои ќе санкционираат. Ќе бидат на терен и ќе спроведат репресивни мерки, најави Бочварски.

Загрижувачка е состојбата во текстилните компании. Работниците реагираат дека кога ќе се пожалат на симптоми, не наидуваат на разбирање кај шефовите, не им се дозволува да останат дома и да се тестираат. Има и позитивни примери, кога сопственик на компанија сам ги плати тестовите за своите вработени. Половина од работниците се позитивни на корона вирусот.

Бочварски по разговорите со Комисијата за заразни болести изнесе став дека тесктилната индустрија во Штип, каде има најмногу зафатени работници, има 7000 вработени и исклучен е евентуален скрининг на сите вработени, што е гломазен зафат.

-7000 вработени е голем број за тестирање одеднаш. И ако се тестираат не мора да значи дека по седум дена некој од негативните нема да се зарази. Затоа најдобро е тој што ќе покаже симптоми, да биде тестиран, да се таргетираат, да останат во изолација. Оние што немаат симптоми, треба да продолжат со работа. Тоа е став на Министерството за здравство, што јас го почитувам, изјави Бочварски.

На прашањето дали Штип може да биде целосно затворен, градоначалникот Бочварски негираше и рече дека според негово мислење засега тешко дека ќе се врати полициски час, карантин или други поригорозни мерки.  Но, како што рече тоа е негов став, не мора да значи дека е тоа и став и мислење на Комисијата за заразни болести. Бочварски ја исклучи и можноста Штип за Илинден цедлосно да биде затворен, со цел да се спречи движењето на граѓаните.