„НаТочак“:Зошто ул. „Димитрије Чуповски“ не стана пешачка/велоспиедска зона со планот Мал ринг? – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 9:29 AM

„НаТочак“:Зошто ул. „Димитрије Чуповски“ не стана пешачка/велоспиедска зона со планот Мал ринг?

Свои забелешки на ДУП-от за Мал Ринг, има и движењето „НаТочак“. За планот за срцето на градот, како што наведуваат од „НаТочак“, важно е сообраќајното решение, од аспект на јавниот простор.
-На пример, зошто Димитрие Чуповски останува иста и покрај најавите на Град Скопје дека ќе биде само за пешаци/велосипеди и јавен превоз? Како планот ќе го демотивира користењето автомобил, а поттикне пешачењето, користењето велосипед и јавен превоз со ставање на нови катни и подземни гаражи во најстрог центар на Градот, па и под плоштад? Чија надлежност е тоа, на Општина Центар или Град Скопје, не знаеме. Битно што решението е уште поавтоцентрично од претходното. Како на овој начин ќе зачекориме во 21-ви век? Како ќе се бориме со климатските промени, топлотните острови, загадувањето, седечкиот начин на живот? Како ќе го направиме центарот пешачка зона ако од сите страни кон плоштадот или се поставени објекти или се спуштаат рампи за коли?! Како ќе се евакуираат луѓето од големи настани и како во тесниот простор меѓу рампите и објектите ќе се разминуваат пешаците и велосипедите? Па сега е веќе тесно!, реагираат од „НаТочак“.

Од иницијативата реагираат и дека ако се изградат сите планирани подземни улици и гаражи во центарот нема да може да порасне ниедна поголема крошна за сенка, што е демотивирачко и за пешачење и за возење велосипед.

-Што ќе се случува со кејот кој е окупиран со возила? Како ќе се поврзат долниот и горниот кеј за велосипеди и каде ќе минуваат клучните рути за велосипеди (не се разбира од овој план)?
Ако низ западниот и источниот дел од градот (Карпош и Аеродром, барем) имаме велосипедски патеки барем по главните булевари, центарот наместо да е местото каде најлесно ќе се помине со точак, а најтешко со автомобил, тој е хорор, црна дупка за велосипедското движење, а сега ќе се привлекуваат уште повеќе автомобили.Тоа мора да се промени! Пирамидата сообраќајна барем во центарот мора да се преврти!, сметаат од иницијативата.

Во исто време, ги повикуваат граѓаните да се вклучат со коментари во јавната анкета што ја спроведува Општина Центар, со забелешка дека решението со Мал ринг не е конечно и може да претрпи промени.

Достапност на јавната анкета тука: https://www.centar.gov.mk/?p=10258 (со кликање Јавна Анкета или во најдолниот дел од страната) и да пополните ваше анкетно ливче..