Плачењето на работното место за многумина може да биде исцрпна и неудобна ситуација. Иако тоа е нормална човечка реакција, постојат практични начини за решавање на проблемите. Што доведува до тоа и како да им пристапите на колегите кои плачат?
Има многу причини поради кои луѓето може да плачат на работното место. Можеби плачењето е резултат на нешто што тие не сакале да го слушнат, разочарувачки разговор за нешто што им е многу важно, стрес од нереални очекувања или едноставно нешто што ги мачи од приватниот живот.
Зошто се чувствуваме лошо кога некој друг плаче?
Кога ќе видиме дека некој плаче ни паѓа жал, а причините за тоа се бројни. Една од причините поради кои може да се чувствуваме лошо е тоа што инстиктивно сакаме да ја подобриме таквата ситуација и не’ мачи тоа што не знаеме што ја предизвикало. Причина за ова може да биде помислата дека можеби самите ние сме направиле да дојде до таква ситуација. Емпатичните луѓе може да почувствуваат тага само затоа што некој друг во нивното опкружување е тажен. Тие имаат тенденција да создаваат различни сценарија во својата глава, па може да помислат дека нешто многу посериозно и поважно се крие зад солзите на колегата.
Потребна ви е емоционална интелигенција за да помогнете
Да помогнете некому кој плаче на работа, е нешто што бара емоционална интелигенција, особено кога таа се јавува во облик на самосвест и самоуправување. Самосвеста бара препознавање на туѓиот емоционален израз, додека самоуправувањето бара во една таква ситуација да ги контролирате своите емоции, прилагодувајќи се на она што е важно во тој момент, што значи дека треба со внимателно одбрани зборови да манифестирате ненаметлива поддршка на личноста која има потреба од тоа.
Што би требало да избегнувате?
Нема потреба да изјавите нешто од типот „ми изгледаш тажно“ и да го интерпретирате тоа што го гледте. Имајте на ум дека луѓето може да плачат поради повеќе причини. Исто така, не кажувајте им што треба да прават. Сите ние понекогаш знаеме да дадеме некој совет, како што е „би требало да одмориш“. Кога некој плаче, чувствува дека ја губи контролата. Диктирајќи ги неговите следни потези, може само да направите да се чувствува уште побеспомошно. Исто така, не кажувајте им на луѓето дека она за што плачат не е вредно за плачење. Иако за вас нивниот проблем можеби е банален, со неговото минимизирање може да ја уништите довербата која дадената личност ја има во вас.
Како да помогнете кога некој плаче на работа?
„Сакаш ли малку да се одмориш или ќе продолжиш понатаму? На тебе е“ – ова е неутрален јазик со кој давате можност тажната личност да одбере што ќе направи следно. Немојте да драматизирате или да претерувате со загриженоста, овозможете и’ на личноста да ја преземе контролата во свои раце и предложете и’ да направите пауза. Прашајте ја што е тоа што најмногу би можело да и’ помогне.
Емоциите се еден вид податоци, независно дали тие се визуелни или се звучни (како што е на пример плачењето) не треба да ги занемарувате. Покажете сочувство дури и кога ви е незгодно, затоа што во тој момент е клучно да бидете добар колега.
Извор: womeninadria.com