Охрид не е само езерото – музичарот Горан Папаз не води низ други охридски убавини – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 8:00 AM

Охрид не е само езерото – музичарот Горан Папаз не води низ други охридски убавини

Горан Папаз, охриѓанец по потекло и одличен виртуоз на саксофон, во интервју за MMS.MK открива дека карантинските денови ги посветил максимално на креативност и дружба со неговио три годишен син Дамиан. Исто така низ фотографии и раскажано со зборови искуство не прошета низ преубавата Галичица, место каде може да уживате во благодетите кои ги создала самата природа. За да на крај, не почести со рецепт од вкусното охридско ѓомлезе.

Уживајте во друштво на Горан Папаз!

Прво и неизбежно прашње периодов е „како си?“ можеби е клише ама човечки е да се праша со оглед на ситуацијата со која сме затечени?

– Се согласувам, треба почесто да се поставува тоа прашање бидејки не секој лесно ја прифати целава ситуација. Јас да бидам искрен бев многу продуктивен, си наоѓав занимации, психофизички, се со цел да не насоберам негативна енергија во себе.

Како ги поминувате деновите ти и твоето семејство овие денови кога сите не демне невидлив непријател?

– Многу сме претпазливи, нормално малку и исплашени, ама ако се придржуваме сите кон мерките на претпазливост, опасноста ќе биде многу помала. Ние се држиме добро за сега, најбитно ми е малиот да не е во контакт со многу луѓе, затоа што е мал, и не му значи ништо поимот маска и дезинфекција.


Дамиан е сега веќе поголем како го поминуваш слободното време со него, која игра ви е хит периодов?

– Дамиан во септември ќе наполни три годинки, и немаме хит игра… за него се е хит, многу е активен, не затанува по цел ден дури и кога спие трча. Среќа што имаме езеро пред прагот од куќата па јасно е каде го поминува поголемиот дел од денот.

Пост ковид состојба, но се уште не сме сигурни дали се ближи крајот. Започнаа ли ангажманите за ноќни свирки?

– Уф, има некои најави ама да бидам искрен, не очекувам ништо посериозно до зима… оптимист сум по природа, ама сега морам да бидам реалист. Дај боже да заврши агонијава што поскоро.

Како го искористи карантинот, се посвети ли на музиката, ќе има ли нешто ново чие епидемилошко потекло може да го најдеме токму во деновите кога седевме дома? Некоја нова музичка соработка на повидок дали ќе има?

– Ќе има да, за многу брзо ќе бидам гостин на албумот на Биба Додева, јас и Танче, пред короната го испромовиравме по социјалните мрежи нашиот заеднички проект “Елегија”, паралелно работам на идеи за нов албум. Генерално, извадив максимум од целава ситуација.

Со оглед на целата ситуација, веројатноста е голема дека за многумина Охрид ќе биде дестинацијата каде ќе се разладуваат ова лето. Но Охрид не го има само Охридското езеро и сите оние карактеристики кога ќе се спомене овој град, цркви, изворите на Црн Дрим, Антички театар. Твоите фотографии на Фејсбук, откриваат нешто што оние што не се од Охрид не го знаат и не им е познато, врвот Магарао на Галичица и Лако Сигној. Преубава природа, ајде малку да ни раскажеш зошто овие две дестинации се посебни, што може да видиме таму, како може да се стигне до таму?


– Точно, Охрид има многу повеќе од горенаведените локации. Галичица, по мене, е една од најубавите планини во Македонија, со богат биодиверзитет и има нешто што ретко која планина го има, тоа се двете најубави езера во балканот, Охридското и Преспанското езеро. Лако Сигној е лесен врв за искачување и е на спротивната страна од Магаро, за да се искачи не треба ништо посебно освен желба, обувки и едно шише со вода. За разлика од Лако Сигној, Магаро е најубавиот и најпосетениот врв на Галичица. Потежок е за искачување, но, кога ќе ги искачиш тие 2255 метри , и кога ќе “фрлиш” поглед према двете езера, волшебно е, не се опишува со зборови, дури ни фотографијата не може да ја долови таа убавина, треба секој да го доживее тој момент. Пристапно е, со кола се стигнува до планинарскиот дом, према врв патеките се многу убаво маркирани, само во лето, препорачливо е да се тргне што порано за да се избегнат жештините.


После една прошетка низ убавата Галичица, не смее да се пропушти парче „ѓомлезе“? – Знаеш ли да подготвуваш, или можеби твојата мајка, баба? Ги знаеш ли марифетите за овој традиционален деликатест?


– Јас знам само добро да го фотографирам , мајстор е мајка ми. Ѓомлезето е направено само од вода , брашно и малце сол и масло. Енигма е како може да има таков богат вкус, а сите знаме каков е вкусот од тие состојки. Макотрпна е изработката, буквално три саати си до оган и е многу жешко цело време, но, очигледно се заборава маката кога ќе се добие финалниот производ, тоа треба мајсторот да се праша.

Кои се твоите предлог дестинации за ова лето, кои места сметаш дека заслужуваат да бидат видени?

– Па, за плажа би им препорачал на сите туристи да се “врзат” со некој локалец, со чамец да ги посетат дивите плажи после Градиште према Трпејца. Рано утро, да се искачат колку можат повисоко на Галичица за да ја осетат моќта и големината на езерото, нека избегнуваат гужви и комерцијални плажи, нема никаква убавина во тоа.

Габриела Додевска