Полуфиналните дуели од најстарото клупско натпреварување во Англија и едно од најстарите и најтрадиционални во фудбалска Европа, ФА Купот, ни донесе два возбудливи и помалку изненадувачки мечеви и лондонско финале на „Вембли“.
Во саботата, фаворитот Манчестер Сити загуби уште една шанса за освојување на трофеј сезонава, откако Арсенал го совлада со 2:0 и се пласираше во големото финале. Екипата на Гвардиола не изгледаше добро на теренот, безбројните бесцелни додавања и неефективноста пред голот на Мартинез, им оставија простор на фудбалерите на Арсенал за контри и полу-контри кои на крајот се покажаа како клучни. Габонскиот напаѓач Обамејанг ги искористи и двете ситуации во одбраната на Сити и се запиша во листата на стрелците. Ученикот Микел Артета, го надмудри довчерашниот пријател и колега од клупата на Манчестер Сити и си создаде шанса за освојување на важен трофеј во својата дебитантска и нецелосна сезона на кормилото на „топџиите“.
Во второто дерби во неделата, Челзи сезонава конечно го „скрши мразот“ против Манчестер Јунајтед и беше убедлив со 3:1. Сините од Лондон во три наврати оваа сезона загубија од Оле Гунар Солскјер, а полуфиналето од ФА Купот претставуваше совршена прилика за искупување на Френк Лампард и земање скалп на уште еден голем тим во дебитантската сезона на чело во Челзи.
Повредите, особено онаа на Ерик Баји, го одолговлекуваа крајот на првото полуврме и ја „умртвија“ динамичноста и темпото на натпреварот, но голот на Оливие Жиру во единаесеттата минута од продолжението на првиот дел, му донесе гол предност на Челзи пред почетокот на вторите 45 минути. Во 49 минута на мечот, нов шок за „црвените ѓаволи“. Навидум млакиот удар на Мејсон Маунт, помина низ рацете на Де Геа и заврши во неговата мрежа. Киксот на еден од најдобрите голмани на дешеницата, практично го реши победникот и патникот за финалето на „Вембли“. Центаршутот на Маркос Алонсо и реализацијата на Антонио Рудигер го „докусирија“ конкурентот на Челзи за Лигата на шампионите, а наивната реакција на Хадсон-Одои, кои влезе во игра од клупата, му подари на Јунајтед удар од белата точка кој Бруно Фернандес лесно го искористи.
На Манчестер Сити му преостанува борба за освојувањето на долгоочекуваниот трофеј во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ го пречекуваат Реал Мадрид на „Етихад“ со предност од 1:2 oд првиот дуел во Шпанија. Арсенал во Премиер Лигата нема императив, со оглед на тоа дека шансите за пласман во европските натпреварувања веќе ги загуби. Но, победа во финалето против Челзи ќе му обезбеди на екипата од северен Лондон директна квалификација во групите на Европа Лига.
Од друга страна пак, Челзи и Манчестер Јунајтед отприлика го делат истиот пат. Во последните две кола од англиската лига, Челзи се наоѓа на третата позиција на табелата и како таков му оди во среда на мегдан на Ливерпул на „Енфилд“. Со победа на тој натпревар, екипата на Лампард и официјално ќе се квалификува во Лигата на шампионите. Во спротивно, ќе мора да го совлада Волвс во неделата во последното коло, или пак да се надева на победа на Манчестер Јунајтед против Лестер во 38 коло. На европски план, Челзи го очекува реванш од 1/8 финалето со Баерн Минхен во Германија. На „Стемфорд Бриџ“, екипата на Ханс Флик убедливо го победи поранешниот англиски освојувач со 0:3.
Вест Хем и Лестер ќе бидат последните два опоненти на Манчестер Јунајтед во преостанатите две кола во Премиер Лигата. Јунајтед во моментот е петти на табелата, но лошата форма на Лестер и директниот меѓусебен во недела, дава надеж на Солскјер дека сепак тие ќе фатат едно од двете слободни места кои водат во Лигата на шампионите следната сезона.
Финалето во ФА Купот, Челзи и Арсенал ќе го одиграат на први август на новиот „Вембли“.