Во Кина 22 новозаразени со Ковид-19, без починат, во Јужна Кореја 26, со еден починат – ММС
ММС

Објавено на: 07/20/20 11:25 AM

Во Кина 22 новозаразени со Ковид-19, без починат, во Јужна Кореја 26, со еден починат

Во изминатите 24 часа во Кина се откриени 22 нови случаи на Ковид-19, додека во Јужна Кореја се регистрирани 26 новозаразени, пренесува агенцијата Анадолија.

Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека од вкупно 22 нови случаја пет се регистрирани кај лица кои допатувале од странство, и дека во истиот период немало нови смртни случаи предизвикани од Ковид-19.

Во соопштението се наведува дека вкупниот број на заразени е зголемен на 83.682, додека бројот на починати останал непроменет, односно 4.634.

Во Кина досега се излекувани 78.799 лица, кај кои претходно е дијагностициран Ковид-19.

Бројот на активни случаи со Ковид-19 во земјата изнесува 249.

Во меѓувреме, кинеските власти соопштија дека меѓу јануари и јуни биле уапсени 5.370 лица под обвинение за разни нелегални активности поврзани со епидемијата на Ковид-19.

Во изјавата дадена од Обвинителството се наведува дека овие лица се обвинети за измама, производство и продажба на фалсификувани и неквалитетни производи.

Од јужнокорејскиот Центар за контрола и превенција на болести е соопштено дека во текот на изминатиот ден се забележани 26 нови случаи на Ковид-19, од кои 22 кај лица кои допатувале од странство.

Соопштено е дека вкупниот број на заразени се зголемил на 13.771, а од вирусот во земјата досега оздравеле 12.572 заразени.

Во последните 24 часа во Јужна Кореја евидентиран е еден смртен случај од Ковид-19. Досега вкупно 296 лица починале од последици предизвикани од Ковид-19.

Во последниот период во Сеул и околината најголем број случаи на Ковид-19 се забележани кај граѓаните кои посетувале ноќни клубови, цркви, кај вработени во магацин на компанија за електронска трговија и кај продавачите на пазарите.