Велешкото езеро „Младост” ова лето без спасителска служба – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/20 9:09 AM

Велешкото езеро „Младост” ова лето без спасителска служба

Велешкото здружение „Македонски спасител” ова лето се уште ја нема активирано својата екипа од спасители на Првата плажа на рекреативното езеро „Младост”. Тие во 2013 година на оваа плажа ја монтираа и поставија Спасителната кула со надгледувачница  од  која ги патролираа водите на  езерото во изминатите седум години и будно се грижат за безбедноста на капачите.

Годинава се уште не се активирале, затоа што проектот им е одобрен од Општина Велес, но  се уште немат добиено средства, а не им било исплатено и за изминатите две лета, информира за МИА, Ангел Пановски од „Македонски спасител”.

Тој  појаснува дека  тие за својата одговорна работа не бараат дневни хонорари,  туку од локалната власт го бараат само  најосновното подмирување на пари за бензин од Велес до Езеро и назад и за купување храна за спасителите.
Износот за нивното  работење за цело лето е 10 илјади денари.Воедно тие дел  од парите користат и за обновување на старата и дотраена опрема за спасување и извлекување на давеници.
-Бараме   до општината да ни ги исплати минималните  пари за ова и изминатите две лета и конечно да започнеме со својата работа, а за да може да ја регулираме безбедноста на сите капачи на езерото. Воедно бараме да ни се обезбеди и дополнителна опрема за безбедност на вода и за  извлекување на давеници, посочува Пановски.
За жал изминатата сабота во водите на езерото „Младост” се удави 28 годишно момче од Скопје. Посетителите и капачите сез загрижени за својата безбедност во вода, бидејќи езерото знае да биде непредвидливо на пооделни делови со свои струи .
-Поради нереализираната соработка со Општина Велес немаше никој од спасителната служба покрај Велешко Езеро. Да бевме таму на служба можеби ќе му помогневме на момчето, можеби не. Но заради  безбедноста на сите капачи и грижата за нивните животи, неопходно е  Општина Велес итно да ја активира нашата спасителна служба. Затоа апелираме до Општина Велес во интерес на сите посетители на Велешко Езеро да создаде услови за наше работење, а посебно е неопходна спасителната служба во деновите на викенд и празниците кога езерото е преполно со посетители, потенцира Пановски.
Тие од Општината  итно бараат активирање на спасителната служба. посебно за викендите и празниците,   а се ближи  и празникот Илинден, 2 август кога велешко езеро „Младост”  е преполно со посетители.

Пановски информира  дека освен од Велес на езерото посебно за викендите доаѓаат и посетители од Скопје, Штип и останатите градови.

-Многу од нив се и непливачи или полупливачи ,па често мораме да реагираме и од нашата брзина зависи нечиј живот. Жал ми е за она што се случи изминатата сабота. На езерото често доаѓаат и припадници на ромската заедница   од скопските населби, а  од кои  поголем дел знаат делумно да пливаат или се непливачи. Има безброј примери да сме спасиле многу  од овие наши сограѓани и многу други од сите градови кои пливале на велешко и чиј живот бил доведен во опасност. Од нашата работа зависи да се спаси  нечиј живот, кој е најдрагоцен и нема цена. Затоа  бараме  соработка од Општина Велес, потенцира Пановски
 
Граѓаните на Велес,  сите посетители на велешко езеро „Младост”, за МИА  велат дека се загрижени за својата и безбедноста на своите семејства и затоа бараат итно активирање на спасителната служба на вода . 

 

При изведбата на работите од Смарт езеро Младост” оштетена е Спасителната кула која  треба итно да се санира

Од „Македонски спасител”   информира  дека при сегашните изведбени градежни работи на брегот на езерото „Младост” од проектот „Смарт Езеро Младост” била оштетена  и  нивната Спасителна кула. Тие добиле ветување од екипите на ЈКП „Дервен” дека Спасителната кула, која им е неопходна во нивната спасителска служба, а која бидејќи е дрвена  им се вклопувала во проектот и истата ќе им биде санирана. Воедно од „Македонски спасител”  од Општина Велес бараат да ги координира активностите и Спасителната кула која тие сами ја изградија во 2013 година веднаш  да биде поправена и оспособена за работа на спасителната служба.

Македонски спасител” десет години во хуманата мисија за спасување човечки животи

Здружението „Македонски спасител” оваа година одбележува десет години од основањето. Тие лани  конкурираа со неколку проекти  до Општина Велес и проектите им се одобрени од страна на Советот на Општината, но средствата се уште не ги добиле, а и не се реализирани поради состојбата со епидемијата на Ковид-19.

Својата деценија од работењето требаше да ја одбележат  со голема Спасителна вежба која требаше да се одржи на 24 и 25 мај на реката Вардар на езеро „Младост” и на градските улици во Велес. На вежбата требаше да учествуваат  и ТППЕ Велес како и нивните колеги од ТППЕ од  Тетово, Битола и Струмица и англиските пожарникари од здружението  „Флоријан” , а кое досега им помогнале во многу активности вежби и обуки, а им донирале и голем дел од спасителната опрема.

Едукацијата  на младите за безбедност на вода и планина еден од приоритетите на „Македонски спасител”

„Македонски спасител” оваа пролет планираше преку проект да ги едуцира велешките основци и средношколци и за безбедност на планина и вода, но и оваа активност засега е одложена.Тие планираат ако се создадат услови, а кога учениците ќе се вратат во училиштата  да ја реализираат на есен.

Воедно  од 1 јули започнаа со нивната традиционалана  Школа за непливачи, наменета за деца, а која се реализира на плажата кај Хотел „Романтик”. Во понеделник завршува втората група  деца, а  ќе продолжи и во наредните денови со формирање нови групи од по максимум десет деца, информира Пановски.

 

Освен на вода „Македонски спасител” планира да формира и своја  спасителна  екипа за планина, а која би делувала и спасувала  при несреќи на  планина и во услови на снег и невреме. Велат дека  веќе имаат обучени екипи,  но потребно им е надлежните да им помогнат во набавка на скапата опрема за спасување на планина.