До Државната изборна комисија вчера до 19:30 часот кога истече рокот поднесени се вкупно 2.141 приговори за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на изборите. ДИК треба да се произнесе по приговорите во рок од 72 часа.
Се очекува ДИК да закаже седница денеска, а нјдоцна во понеделеник на која јавно ќе ги разгледа и ќе одлучува, по приговорите.
Вчера пред истекот на рокот 1.982 приговори поднеле од Левица, а Алијансата за Албанците која на изборите настапува во коалиција со Алтернатива вчера и завчера поднесе вкупно 151 приговори. Од приговорите два има и од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето. СДСМ, како што најави, не поднесе приговори за овие избори. До ДИК е поднсено и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето.
Прексиноќа во 21 часот, пак, заврши рокот за поднесување приговори за постапката за гласање.
Роковите за приговори почнаа да течат откако ДИК попладнето на 16 јули ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите.
Во меѓувреме, Државната изборна комисија вчера објави соопштение на својата веб страница со кое ги корегираше резултатите од предвремените Парламентарни избори одржани на 15 јули, објавени на 16 јули. Како што се наведува во објавениот Заклучок за исправка на технички грешки, вкупниот број на избирачи кои гласале изнесува 943.750, што е за 1.416 повеќе од првично објавената бројка, а вкупниот број неважечки гласачки ливчиња изнесува 31.564 или за 98 повеќе.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека изборниот процес бил нарушен и обвинуваат за, како што велат, најголемиот и најмасовниот поткуп и фалсификат на изборната волја и побараа рачно пребројување на гласачките ливчиња..
-Државната изборна комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификати, вклучително и рачното да се пребројување гласачките ливчиња, затоа што не смее да има црна дамка на процесот при ваков масовен поткуп и фалсификат. Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30.000 несвојствени за ваква излезност на еден изборен процес. Да потсетам уште еднаш, дека функционери на СДСМ и нивни експоненти јавно водеа кампања да се шкртаат ливчиња, претставувајќи го како повик на ВМРО-ДПМНЕ, што е кривично дело во изборен процес. Потребно е да се заштити волјата на граѓаните и да се тргне дамката од изборниот процес, рече на прес – конференција партискиот портпарол Димче Арсовски.
Од СДСМ, пак, посочуваат дека на слободни, фер и демократски избори победи нивниот концепт и Коалицијата „Можеме” и му порачаа на ВМРО-ДПМНЕ и на Мцкоски причините за поразот да ги бараат кај нив, наместо да бараат алиби. Воедно го повикаа претседателот на ДИК Оливер Деркоски, да даде одговори пред јавноста за случувањата на денот на изборите и објавувањето на резултатите