Организираат концерт за да видат колку се пренесува заразата, германски експеримент за Корона – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/20 7:55 PM

Организираат концерт за да видат колку се пренесува заразата, германски експеримент за Корона

Додека Германија работи да ги врати спортските љубители на трибините, тим истражувачи од Универзитетската клиника во Хале, во источна Германија, организира експеримент во кој илјадници доброволци би присуствувале на концерт на поп музика. Научниците се надеваат дека ќе регрутираат 4.000 учесници кои би се собрале на арената во Лајпциг на 22 август. Доброволците, на возраст од 18 до 50 години, претходно ќе бидат тестирани за коронавирус, а учеството ќе им биде дозволено само на оние чиј резултат е негативен. На концертот ќе настапи популарниот поп-пејач Тим Бенко за да „ однесувањето на публиката што повеќе се приближи до реалноста“, велат организаторите.

Учесниците ќе треба да носат филтер маски ФФП2, а ќе се користи флуоресцентно средство за дезинфекција што – покрај тоа што ќе обезбеди друг слој на заштита – ќе им овозможи на научниците да следат на кои површини најчесто ги допира публиката. Што е најважно, доброволците ќе добијат уред кој ќе ги следи нивните движења и оддалеченоста од другите присутни.

„Мислам дека најголемиот предизвик ќе биде проценката на податоците“, рече директорот на проектот, Стефан Мориќ, за дпа.

„Затоа што ќе добиваме податоци за контакт со сите други учесници во радиус од 30 метри – на секои пет секунди во текот на денот“, додаде тој.

Организаторите планираат да тестираат три можни сценарија. Првото сценарио ќе биде она што би се нарекло контролна група – така што сè е исто како и пред короната: публиката влегува на два влеза, нема задолжително растојание и слични мерки на претпазливост. Второто сценарио е со построги хигиенски мерки, побавен влез на учесниците, односно отворање на повеќе влезови на арената и правила на дистанца. Третото сценарио е со доброволци кои седат на трибините на растојание од 1,5 метри. За ова сценарио се потребни само 2.000 доброволци во арената која има капацитет да прими околу 12.000 луѓе.

Проектот треба да помогне „да се идентификуваат условите под кои уметниците и спортистите би можеле да настапат повторно, од 30 септември, кога треба повторно да се дозволат настани со голем број луѓе во Германија“, велат истражувачите на нивната веб-страница. Покрај тоа, треба да се утврди со колку други луѓе посетителот има контакт пред да дојде на концертот.

Истражувачите се надеваат дека експериментот ќе им помогне да дојдат до математички модел што би можел да се искористи за да се спречи ширењето на инфекцијата на големи манифестации. Првите резултати од студијата се очекуваат четири до шест недели по концертот, на крајот на септември.

На својата веб-страница, тим истражувачи предупреди за опасностите од пандемијата на коронавирус. „За да се избегнат овие опасности, требаше да се донесат тешки одлуки“, напишале научниците од Хале. Истовремено и констатираат и дека трајната забрана на големите  манифестации претставува „екзистенцијален проблем за многу спортисти и уметници Чии приходи зависат од публика“.

Извор: dw.com