Францускиот стратег во четвртокот ја оконча титулата со мадридски Реал, кој по 34 пат стана шампион на Шпанија, а Зидан го освои 11-от трофеј со кралскиот клуб. Со тоа, на Зидан му недостасуваат само три трофеи за да го стигне легендарниот тренер на Реал, Мигел Муњоз.
Но и покрај тоа и покрај обврзувачкиот договор до 2022 година, Зидан изјави дека не е сигурен во својата иднина во клубот и не знае дали следната сезона ќе биде на кормилото.
Во својот втор мандат, Зидан успеа со Реал Мадрид да го освои Супер Купот на Шпанија и круната во Примера.
-Никој не знае што ќе се случува во иднина. Никогаш не зборувам за следната сезона или таа после неа. Јас имам договор и сум среќен. Сепак, никогаш не знаеш што ќе се случува во иднина. Работите се менуваат преку ноќ во светот на фубалот и никогаш не се знае што носи иднината, изјави Зидан по освојувањето на титулата.
Последниот натпревар за сезоната во Шпанија, Реал Мадрид го игра против Леганес, а Зидан вели дека мора да се изнајде мотивација и за тој дуел, иако Реал веќе нема императив за што да игра.
-Тоа е во ДНК-ата на Реал Мадрид. Лигашки натпревар е, не се работи за пријателски и ние сакаме да играме добро. Не мислам дека нешто треба да докажуваме дополнително. Само сакаме да го искористиме позитивниот моментум и да продолжиме со победување, додаде Зидан.
Реал Мадрид во август му гостува на Манчестер Сити на „Етихад“, во реванш дуелот од осминафиналето на Лигата на шампионите. Кралевите во првиот меч загубија 1:2 и сега се надеваат дека повторно ќе стигнат до завршницата на елитното натпреварување.