Реакција во име на ЕУ за изборите на 15 јули стигна попладнево од страна на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Унија им честита на граѓаните што го искористија своето право на глас на изборите и покрај здравствените предизвици од Ковид-19 пандемијата.
Реакцијата на ЕУ се темели врз наодите на ОБСЕ/ОДИХР објавени вчера и потсетува дека “правната стабилност” е “поткопана” поради “суштинските ревизии на законската рамка и последователните владини декрети”.
Европската Унија очекува од Северна Македонија и нејзините институции да ги исполни сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР на идните избори.
-Очекуваме да работиме со силен парламент и стабилна владина коалиција која треба да ги исполни стратешките цели на земјата на интеграција во ЕУ и да одговори на очекувањата на граѓаните, порачуваат Вархеји и Борел во заедничкото соопштение.
Северна Македонија треба до крајот на оваа година да ја одржи првата меѓувладина конференција на која ќе се отворат првите поглавја во преговорите за членство во Унијата, како што планира германското претседателство.
Поради тоа ЕУ очекува од македонските власти да продолжат со реформите поврзани со ЕУ интеграцијата, посебно во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и да продолжат да ги зајакнуваат добрососедските односи, порачува ЕУ.
МИА