По скандалозните изјави на новиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салвини, дека планира да направи попис на Ромите кои живеат во Италија и да ги протера сите што немаат италијанско државјанство, Европската комисија одби јасно да ја осуди оваа изјава, но посочи дека според правото на ЕУ тоа е забрането.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Салвини исто така изјави дека „за жал“ на Ромите со италијанско државјанство ќе им биде дозволено да останат во Италија.
Поради тоа на денешната редовната прес конференција во ЕК италијанските новинари упорно бараа јасен став од Комисијата.
– Според правото на ЕУ не смеат да се протеруваат државјани на ЕУ врз основа на нивната етничка припадност, изјави портпаролот на ЕК, и потсети дека европските државјани имаат право на слободно движење во ЕУ, но дека „нема да разговарам за правните детали сега“, додаде портпаролот.
Тој не ја исклучи можноста ЕК да стапи во контакт со италијанската Влада по овие изјави, но не можеше ниту да го потврди тоа.
Извор: МИА