Детската клиника постави монтажна општа амбуланта за заштита од ширење на коронавирусот – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/20 4:27 PM

Детската клиника постави монтажна општа амбуланта за заштита од ширење на коронавирусот

Министерството за здравство денеска соопшти дека е поставена монтажна општа амбуланта во состав на Универзитетската клиника за детски болести, како дел од активностите за враќање на редовно работење на дел од клиниките, а со цел заштита од евентуално ширење на Ковид-19 кај најмладите пациенти.

-Во оваа монтажна амбуланта ќе се прегледуваат сите деца кои не се закажани преку електронскиот систем МојТермин. Овие деца досега беа прегледувани во амбулантите во зградата на Детската клиника, а заради актуелната пандемија со Ковид-19, пациентите кои ќе доаѓаат на преглед, и физички ќе бидат дистанцирани од другите пациенти кои се закажани во МојТермин, со цел заштита од ширење на коронавирусот меѓу пациентите, посочуваат од Министерството за здравство.

Во новопоставената монтажна општа амбуланта има соба за интервенции, соба за преглед на пациенти, сестринска соба, тоалет, шалтер и чекална за пациентите. Објектот е комплетно климатизиран и ќе функционира согласно сите стандарди за безбеден третман на пациентите. Монтажната амбуланта на Детската клиника е донација од Македонски Телеком.

Од Клиниката за детски болести, како што се посочува, напоменуваат дека децата кои се сомнителни или се со симптоми на Ковид-19 и понатаму ќе се прегледуваат и хоспитализираат во Болницата за белодробни заболувања Козле и на Инфективната клиника.