Џелал Бајрами: 24 известувања за нерегуларности на изборите пристигнале до обвинителствата – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/20 10:18 PM

Џелал Бајрами: 24 известувања за нерегуларности на изборите пристигнале до обвинителствата

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето констатира дека парламентарните избори 2020 година се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број нерегулраности – соопшти вечерва јавниот обвинител Џелал Бајрами, претседател на Комисијата.

На електронската адреса izbori@jorm.mk на која граѓаните можеа да пријават сомнежи за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето, како што информира тој, пристигнале вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучително и денеска во текот на гласањето. Од вкупно 24 известувања, соопшти Бајрами, три се однесуваат на настани во различни изборни места и градови каде лицата кои го остварувале правото на глас ги сликале гласачките ливчиња.

„Овие известувања се примени во обвинителствата, но истите се прекршоци согласно член 190 став 2 од Изборниот законик и за постапката кон нив се надлежни други органи“, информира Бајрами.

Известувањата, како што посочи тој, се пристигнати и на електронската адреса на која ЈОРСМ на граѓаните им овозможи директно пријавување на сомнежите поврзани со изборите и гласањето. Од нив, како што информира, седум се поднесени од исто лице односно од граѓанска асоцијација која известува за објави по социјалните мрежи со кои наводно се прекршува изборниот молк и се агитира за гласање за одредени политички партии. Дел се од други две лица и истите се однесуваат на објави на портали и социјални мрежи. Во тек е постапување на надлежните јавни обвинителства.

„Седум известувања се пристигнати од претставници на една политичка партија од Кочани и се однесуваат на наводен поткуп кој во одделни настани го вршат лица со цел да се гласа за одредена политичка партија. Во ОЈО Кочани се преземаат дејствија за расчистување на овие настани пријавени до овој момент“, информира Бајрами.

Во ОЈО Струмица било доставено известување за лице кое на бензинска станица во село Василево нудело ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија. Обвинителството издало наредба за обезбедување видео камери, видео записи и преземање дејствија во насока на потврдување на фактите. Во струмичкото Обвинителство биле примени и известувања за уште два настана, случени вечерта на 14 јули 2020 – едниот е во село Добрадинци, каде околу 21 часот лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија. Вториот настан во село Дражево каде околу 21:50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи во Струмица вршело агитација со закани за да се гласа за определена политичка партија.

Јавен обвинител на ОЈО Струмица на 14 јули 2020 бил известен дека инспектор од полициската станица во Струмица на Јутуб каналот видел снимка со изборен поткуп и затоа сочинил службена белешка. Обвинителот дал насоки за проверка на снимката и утврдување на идентитетот на лицата што се посочуваат во снимката. Едно од двете лица дошол во полициска станица, но по давањето исказ, подоцна пријавило дека прима закани затоа што поднел пријава по член 144 од КЗ на РСМ за загрозување на сигурноста. Обвинителството, како што посочи Бајрами, постапува по овој предмет во континуитет. Ова Обвинителство постапува и по известување за наводен изборен поткуп во кој е инволвиран вршител на функција на една од општините. Дадени се, вели тој, насоки од страна на сектор за внатрешни работи при МВР за да се повикаат лицата, пратена е покана за прибирање на потребни известувања.

„Рано утринава пријавен е настан кој се случил во 3 часот во село Галате, каде претседателот на месната заедница Дебреше пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од ова село. Лицата со автомобил низ селото растуриле пропаганден материјал, флаери на една од коалиционите листи за овие парламентарни избори, при што биле забележани и физички напади од друго лице. Од настаните повредено е едно од лицата кои биле инволвирани, и истиот е пренесен во ургентниот центар во Гостивар“, изјави Бајрами, додавајќи дека сите инволвирани во моментот се во полициската станица Галате и се работи на расчистување на случајот и документирање на истиот.

На 14 јули имаат добиено известување од ОЈО Штип, извршен е претсрес во дом на лице за кое имало сомнение дека поседува дрога. По добиена наредба од страна на судија на претходна постапка, при вршење на претсресот доргата не била најдена, но кај истото лице е пронајден список од околу 150 имиња за што постои сомневање дека биле наменети за изборен поткуп. Лицето дало исказ и натаму, како што соопшти Бајрами, се преземаат дејствија за целосно расчистување на случајот.

„На 13 јули 2020 година во една од локалните продавници во Штип се пронајдени голем број лични документи кои наводно биле чувани како залог за кој требало да бидат искористени за изборни цели. Од ОЈО се издадени насоки да се повикаат лицата сопственици на личните документи и истите да се испитаат, како и други дејствија во насока на утврдување на фактите во овој настан“, посочи Бајрами.

Обвинителството во Неготино, било известено од ОВР Неготино дека околу 18 часот за два настана се основани сомнежи дека е сторено кривично дело повреда на тајноста на гласањето, по член 163 став 2 во врска со став 1 од КЗ – првиот настан се случил во Неготино, каде член на избирачкиот одбор од просторијата каде се гласа застанал на прозорецот и ставал список на лица кои гласале, а кои не и истиот список го сликал со телефон и истото го предал кај друго лице. Настанот го пријавил член на избирачкиот одбор од друго изборно место од истото училиште кој стоел надвор и го видел според него целиот настан што се одвива. Во тек се проверки, а одземен е и телефонот од лицето заради вештачење. Воедно се вршат и разговори со инволвираните лица. Другиот настан е во село Прждево, општина Демир Капија каде пред гласачко место член од Избирачки одбор добил телефонски повик и на неовластено лице му дало податок дека конкретно лице дошло да гласа, но не гласало. И за овој настан постапката е во тек.

„Дежурен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Штип по телефон бил известен за затекнати лица со возило во Штип, околу 19 часот, кои имале со себе 44.000 денари  и список на лица во близина на избирачко место во ОУ „Тошо Арсов”. По насоки на јавниот обвинител лицата ќе бидат повикани на разговор во МВР за проверување и документирање на случајот“, соопшти Бајрами.

Тој додаде дека за овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните.