ДУИ ќе биде клучен фактор за формирањето на нова Влада, се очекува победа во албанскиот блок, изјави Бујар Османи – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/20 9:03 PM

ДУИ ќе биде клучен фактор за формирањето на нова Влада, се очекува победа во албанскиот блок, изјави Бујар Османи

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на првата прес-конференција по завршувањето на изборниот ден рече дека партијата е задоолна од тоа како се одвивал изборниот процес и дека очекува сигурна победа на ДУИ на овие предвремени парламентарни избори.

-Ние сме задоволни и чекаме победа на овие избори. Од утре чекаме да почнеме преговори за формирање на нова Влада, а на другите партии им порачуваме да се обединат, рече Османи.

Османи ги повика останатите партии од албанскиот блок, да заборават на разликите и да се соединат околу единствената и долгогодишна идеја за прв премиер Албанец на државава.

Исто така, портпаролот на најголемата албанска партија уште еднаш потенцираше дека ДУИ ќе биде клучен фактор во формирањето на нова Влада.

-Очекуваме да останеме клучен фактор во детерминирање на клучни чекори во државата, јавен повик до сите партии на Албанците да се обединиме кон концептот прв премиер Албанец за да направиме историја. Според кампањата и поддршката која ја добивме, очекувам голема изборна победа и концептот. Резултати допрва доаѓаат но пред се сум тука да се заблагодарам на институциите и граѓаните, истакна Османи.

Во однос на излезноста, Османи вели дека очекувањата биле надминати и дека граѓаните од албанска националност го положиле демократскиот тест со тоа што му дале легитимитет на изборниот процес и во време на пандемија се одважиле и го оствариле своето демократско право.