Заклучно 15 часот во Општина Куманово како најголема општина според бројот на гласачи, своето право на глас го оствариле вкупно 30,6% од гласачите, односно 27.741лица, покажуваат податоците на Државната изборна комисија.
Во Куманово денеска се гласа на 149 избирачки места, а право на глас имаат вкупно 92.300 полнолетни граѓани.
Дел од граѓаните веќе го остварија своето право на глас. Велат дека очекуваат подобри услови за живот по изборите, а за задолжителните маски и дезинфекција велат дека не им претставуваат проблем, бидејќи се за заштита на сите нас.
– Јас го остварив своето избирачко место. Имам 90 години и секогаш сум гласал. Од овие избори очекувам да биде подобро за сите, вели еден постар гласач кој утринава нешто по 7 часот го оствари гласачкото право.
– Гласавме па ќе видиме што ќе биде, кој ќе победи нека победи, само да биде мирно, без никакви турбуленции. Носиме маски задолжително, без нив нема гласање, вели друг гласач.
Гласањето во Куманово се одвива мирно и без инциденти, велат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Засега нема нарушување на изборниот молк ниту гласачкиот процес, а надлежните се надеваат дека таквата состојба ќе се задржи и до 21 часот кога ќе се затворат избирачките места во државата.
Во Старо Нагоричане со пресекот во 15 часот излезноста изнесува 26,73 отсто, односно правото на глас го оствариле 782 лица.
Во оваа општина денеска можат да гласаат вкупно 2.926 лица, на 31 избирачко место.
Липково до 15 часот бележи најмала излезност од регионот. Правото на глас го оствариле 25,01% од граѓаните или гласале вкупно 6.467 лица.
Во оваа општина денеска можат да гласаат 25.666 лица на 36 избирачки места.
Пишувањата на дел од медиумите дека е прекинат гласачкиот процес на местото 1129 во село Лојане, не се точни, вели претседателот на тамошната Општинска изборна комисија Лирим Јашари во телефонски разговор.
Станува збор за технички проблем во печатениот материјал со грешки во сериските броеви. Гласањето според портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, било накратко прекинато додека да се пребројат гласачките ливчиња. Откако било утврдено дека само има грешки во сериските броеви, а гласачките ливчиња биле според бројот на гласачи, гласањето продолжило.
Во однос на претпоследниот пресек на гласовите Во Липково и Старо Нагоричане се бележи раст на излезноста од 6 отсто, а во Куманово осум проценти.
Никола Ивановски


