Половината од изборниот ден во гостиварскиот регион помина мирно. До 15 часот на гласање излегле околу 23 проценти од запишаните избирачи. Споредено со претходните парламентарни избори, излезноста е за речиси десет проценти помала.
Атмосферата во првиот град на Вардар градот е вообичаена. Раздвиженоста на гостиварци наликува на оние како за работен ден.
Забележливо е дека речиси сите угостителски објекти се отворени, а работат и продавниците и дуќаните кои пружаат услуги. Поголема раздвиженост има околу училиштата во кои вообичаено се наоѓаат избирачките места, а таму е забележливо и зголемено присуството на полицијата.
Во двете соседни општини Врапчиште (20%) и Маврово Ростуше (19%)на овие избори е впечатлив помалиот процент на излезност. Тоа се толкува со недоаѓањето на иселениците. Дел од печалбарите кои главно работат во западните земји, не се во можност да дојдат во земјава, заради ограничувањата предизвикани од корона кризата.
Речиси сите функционери од централната и локалната власт и кандидати за пратеници претпладнево го искористија правото на глас. Тие во нивните изјави испратија пораки до гласачите кои беа во насока на почитување на мерките за безбедно гласање и среќа на учесниците во изборниот процес.
Зоран Маџоски


