Навреме се отворени сите избирачки места во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/20 7:52 AM

Навреме се отворени сите избирачки места во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково

Претседателот на Општинската изборна комисија Куманово Драган Јовановски информираше дека сите избирачки места се отворени, но за целосна потврда на таквата информација ќе треба да излезе ДИК, со оглед на измените во начинот на комуникација.

До изминатите изборни циклуси телефонски се пријавуваше дека се отворени сите избирачки места, а годинава тоа се прави преку посебна апликација на Државната изборна комисија.

– Во гласачко место 1043 во ООУ „Крсте Мисирков” во Куманово гласањето почна во 7 часот и очекуваме нормален ден, да одржуваме ред. Ќе се обидеме да го задржиме протоколот за доброто на сите. Сега засега немаме никакви забелешки, изјави Јасмина Зизовска, претседател на избирачко место 1043.

Дел од граѓаните веќе го остварија своето право на глас. Велат дека очекуваат подобри услови за живот по изборите, а за задолжителните маски и дезинфекција велат дека не им претставуваат проблем, бидејќи се за заштита на сите нас.

– Јас го остварив своето избирачко место. Имам 90 години и секогаш сум гласал. Од овие избори очекувам да биде подобро за сите, вели еден постар гласач кој утринава нешто по 7 часот го оствари гласачкото право.

– Гласавме па ќе видиме што ќе биде, кој ќе победи нека победи, само да биде мирно, без никакви турбуленции. Носиме маски задолжително, без нив нема гласање, вели друг гласач.

Во Куманово денеска право на глас имаат 92.167 граѓани на 167 избирачки места.