Предвремените парламентарни избори во земјава ќе ги следат 2.708 домашни и странски набљудувачи.
За мониторинг на изборите, акредитации од ДИК добија вкупно 2.551 домашни и 158 меѓународни набљудувачи и преведувачи.
Од домашните најбројни се на НВО МОСТ 1.254, на АКСИОС 2017 – 830, Цивил – Центар за слобода ќе има 315, Инклузив – Куманово 86, Националниот ромски центар – Куманово 38 и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид 15, Заедно можеме – Гостивар 9 и Македонски центар за култура и развој – 4.
Меѓу акредитираните меѓународни набљудувачи, според информациите објавени на веб-страницата на ДИК, 26 се од ОБСЕ/ОДИХР, Амбасадата на САД ќе има 41, делегацијата на ЕУ 13, ИФЕС четворица, Француската амбасада 13, Амбасадата на Унгарија 10, на Германија и на Велика Британија по 7, на Италија 6, на Албанија 4, на Австрија, на Швајцарија, на Хрватска и на Шведска по 3, на Бугарија, на Црна Гора, на Чешката Република и на Косово по 2 и амбасадите на Холандија, на Канада, на Босна и Херцеговина по еден набљудувач, а четири ќе има и Меѓународното здружение за човекови права.
Предвремените парламентарни избори во земајва ќе ги следат новинарски екипи од петнаесетина странски медиумски куќи.
За изборите од терен ќе известуваат 57 странски новинари, кои добија акредитации од Државната изборна комисија.
Најбројна екипа од 18 новинари испраќа Ал Џезира Балкан, а свои тимови или новинари ќе имаат и Ројтерс, Франс прес, Гласот на Америка, Асошиејтед прес, грчката национална телевизија ЕРТ, новинската агенција АНА-МПА, Њуз247, германската АРД, Европската фото прес-агенција – ЕПА, Турската радио-телевизија, агенцијата Анадолија, Еуро њуз Албанија, Радио-телевизија Косово, Би-би-си Србија и Ал Џезира на англиски јазик.
Повеќе странски медиуми ќе известуваат за изборите преку свои дописници во земјава.
МИА