Двата случаи на изборен поткуп во Штип и Ерџелија, за кои информираше МВР, во вид на информација се предадени на Основното јавно обвинителство во Штип. Меѓутоа, од страна на Обвинителството е побарано доставување на доказен материјал, врз основа на кои можат понатаму да ги процесуира предметите. Ова денеска го потврди основниот јавен обвинител Ристе Бојаџиев. Тој за случајот со соменевањата за изборен поткуп и наоѓањето на повеќе лични карти и патни исправи кај сопственик на продавница во Ромската населба во Штип, рече дека ќе бидат повикани на разговор сите чии документи се најдени. Дали навистина се работи за изборен поткуп или за задржани лични документи поради неплатени сметки, ќе покаже истрагата.
Овој предмет е во предистрага, како и случајот што МВР го објави изминатиот викенд, кога во светиниколското село Ерџелија, при претрес, биле пронајдени списоци и денари и евра. Овој предемет го работи Обвинителството во Свети Николе.
Од штипското Обвинителство велат дека овие предмети внимателно ќе бидат процесурани, со оглед на фактот дека се работи за дела за кои минималната казна е пет години затвор. Не се тоа предмети каде луѓето се фатени на лице место како даваат или примаат поткуп, туку на база на лични документи, списоци и пронајдени пари има сомневање за незаконски дејствија.
Собраните докази треба да го потврдат тврдењето дека се работи за предизборен поткуп.