Под сомнение дека поткупувал гласачи, полициски службеници, вчеравечер во домот на велешанецот А.М (35) извршиле претрес во неговиот дом кога биле одземени еден мобилен телефон и повеќе рачно испишани листови од тетратки со испишани лични податоци на вкупно 250 граѓани од Велес, соопшти Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција.
-По насока на Јавен обвинител на ОЈО Велес лицето е лишено од слобода поради сомневање за сторено кривично дело „Поткуп за избори и гласање“ по член 162 од КЗ и со истото во просториите на СВР Велес е извршен разговор во врска со пронајдените предмети при што од негова страна било дадено признание и потврдено дека конкретните списоци биле направени од него по конкретни насоки од лицето З.М блиско до локалното раководство на локална партија во Велес и на истите имало име и презиме и матичен број на лица од ромска националност кои би гласале за политичката партија а за возврат би добиле финансиски средства, додаде Чулев.
Веднаш по прес конференцијата на министерот Чулев, од мејл адресата преку која МВР секојдневно комуницира со медиумите, беше испратен демант на веста дека полицијата открила случај на поткуп во Велес.
-Во врска со информацијата објавена во дел од интернет порталите дека во Велес се давани пари како поткуп во вид на социјална помош на граѓаните.Ве известуваме дека во СВР Велес ниту е пријавен таков настан ниту пак е постапувано за таква работа. Апелираме до овие медиуми да не изнесуваат невистини, особено во период на предизборен молк. За сите потребни информации стоиме на располагање на медиумите, стои во демантот од Министерство за внатрешни работи.
Засега нема објаснување на спротиставените информации на министерот од една страна и Министерството од друга страна.