Гласачките ливчиња од лицата кои гласаа од изолација ќе се бројат заедно со сите останати во среда, шпекулација се бројките кои се појавуваат – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/20 9:30 AM

Гласачките ливчиња од лицата кои гласаа од изолација ќе се бројат заедно со сите останати во среда, шпекулација се бројките кои се појавуваат

Државната изборна комисија денеска се произнесе по многуте шпекулации кои се појавија во текот на вчерашниот ден а се однесуваа на наводни резултати од гласањето на лицата кои се во самоизолација и позитивни на ковид-19.

Портпаролот на Државната изборна комисија, Адмир Шабани, денеска на прес-конференција изјави дека постапката за броење на овие гласачки ливчиња ќе биде заедно со останатите по завршувањето на гласањето во среда.

– Овие гласачки ливчиња се враќаат во кутијата на Основниот избирачки одбор без да се отворат и да се извадат од пликото. Истата таа кутија се користи и денеска доколку Избирачкиот одбор има гласање на болни и немоќни лица. Гласачките ливчиња од гласачите позитивни на ковид-19 и гласачките ливчиња од гласањето на болните и изнемоштени лица се вадат од гласачката кутија пред да започне гласањето на 15. Истите тие ливчиња се вадат од пликоата и се спуштаат во гласачката кутија без да се провери за кого е гласано. Тие гласачки ливчиња се мешаат со сите останати гласачки ливчиња на 15 јули кога гласаат сите останати гласачи, така што резултатите од сите ќе бидат прикажани кога ќе заврши гласањето на 15, објасни Шабани.