Пациентите кои се опоравиле од Ковид-19 продолжуваат, со недели а некои и неколку месеци откако ќе се опорават, да имаат последици во форма на хроничен замор, отежнато дишење, болки во мускулите, некои спијат цел ден, а на некои им претставува голем напор да се искачат само еден кат по скали. Истражувањето го направиле лекарите од клиниката „Гемели“ од Рим, Анџело Карфи и Роберто Бернабеј, со преглед на 150 пациенти кои страдале од инфекција со коронавирус.
Од анкетираните, 87 проценти потврдија дека имаат барем еден од пост-ковидните симптоми, најмногу прекумерен замор, проблеми со дишењето, некои имаат психолошки проблеми и голем број на пациенти по закрепнувањето покажале знаци на посттрауматско стресно нарушување.
Речиси сите субјекти имаа проблеми со апетитот и намалена мускулна маса.
– Ковид-19 е нова болест и засега ги знаеме симптомите, но малку се знае за последиците, и затоа ова истражување, прво од ваков вид, е многу важно – вели Анџело Карфи.
Позитивно е, посочуваат авторите на истражувањето, дека не се потврдени стравувањата на лекарите дека болеста ќе остави трајни последици на белите дробови, црниот дроб, очите и срцето.
Лекарите препорачуваат пациентите кои биле лекувани во одделите за интензивна нега и биле подложени на оксигенација, да бидат подложени на редовна контрола на неколку внатрешни органи и мора да поминат низ долг период на физичко и психичко закрепнување.
Извор: espreso.rs


